Новиот состав на ДКСК / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Како со Димитровска, така и без неa – земаат плата, а барем да „нишаат врата“

Од отворањето на истрагата за Димитровска, ДКСК одржала три седници и речиси сите се завршени со заклучоци од типот „постапката се запира“ или „пријавата се отфрла“. Во најголем дел од пријавите, ДКСК или не е надлежна да постапува и го препраќа предметот во друга институција, или нема докази дека е прекршена некоја одредба, или некој друг надлежен орган води истовремено постапка.

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и со претседателката Татјана Димитровска, која сега е обвинета и си поднесе оставка, но и без неа не донесоа ниту една одлука за поведување иницијатива за кривично гонење против висок актуелен функционер од власта, а сега ќе треба да му дадат мислење на Собранието дали треба да продолжи или да биде ставена во мирување постапката за избор на нејзин претседател по распишувањето на локалните избори. Собранието распиша оглас, но додека трае „играта“ на релација Собрание – ДКСК, многу веројатно е дека нов претседател што ќе го врати легитимитетот на ова тело ќе се избира по изборите.

ДКСК функционира и без Димитровска

 

Антикорупциската комисија формално ќе го следи изборниот процес. ДКСК функционира и без Димитровска, но за неа, ако се користи реториката на власта, не важи „времето како досега заврши“. Додека Димитровска беше на чело на Комисијата, во ДКСК останаа познати по барањето дипломатски пасоши и службени возила и одлуката со која се прогласија за ненадлежни за веродостојноста на сертификатот за познавање англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, а ги затворија и предметите за директорките на Агенцијата за разузнавање и по истрагата и оставката на претседателката функционираат „како досега“.

Од отворањето на истрагата за Димитровска, според јавно достапните информации од седниците, Комисијата, сега предводена од Билјана Каракашова-Шулев, одржала три седници и во најголем дел од случаите, речиси сите се завршени со заклучоци од типот „постапката се запира“, „пријавата се отфрла“.

Рака на срце, има по некоја прекршочна пријава за неподнесување анкетен лист, за што казната е парична и симболична. Во најголем дел од пријавите, ДКСК или не е надлежна да постапува и го препраќа предметот во друга институција, или нема докази дека е прекршена некоја одредба или некој друг надлежен орган води истовремено постапка.

Всушност, распишувањето на локалните избори и одредбата од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, која забранува вработување по распишувањето на изборите (освен во итни случаи), го комплицира изборот на нов претседател на ДКСК откако претседателката беше обвинета, а експертската јавност бараше оставки и од другите членови на Комисијата.

Пред да одат на одмор, пратениците распишаа оглас за избор на нов претседател на собраниската комисија за избори и именувања што ќе избира членови на комисијата која ќе ги сослушува пријавените кандидати за избор на нов претседател. Но, Собранието сега ќе бара мислење од ДКСК, дали е итно или не да добијат нов претседател, откако изборите се распишани. Од Собранието за „Слободен печат“ потврдија дека го испратиле барањето до Антикорупциска, но нема рок за одговорот.

– Пo престанокот на мандатот на претседателката на ДКСК Собранието постапи согласно роковите утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Тоа се законски рокови мора да бидат испочитувани. За понатамошното постапување во Собранието ќе се направат соодветни консултации. Дополнително, Собранието денеска упати барање за мислење до ДКСК – велат од Собранието за „Слободен печат“.

Од ДКСК велат дека го примиле барањето и дека утре наутро ќе испратат одговор, односно мислење до Собранието.

А треба што побрзо да се протолкува членот од Законот кој гласи:

„Од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до денот на завршувањето… не може: да се започне постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“.

Иако пратениците се на одмор и се распишани изборите, сепак Собранието е во постојано заседание и може во секој момент да биде свикана седница и да се избере нов претседател на Комисијата, чиј состав го обележаа низа скандали, а сега треба да го следи спроведувањето на изборниот процес.

Без образ да поднесат колективна оставка

 

Професорот Борче Давитковски коментира дека се измислуваат нови правила на игра и смета дека Собранието е тоа што треба да донесе одлука ако е итен изборот на претседателот на ДКСК, а не да бара мислење од Комисијата. Тој бара да се утврдат правилата на игра за да може кандидатите да имаат прецизни правила.

– Какви глупости! Толкување на закон може да даде само Собранието, не може ДКСК да дава мислење, таа е само државен технички орган за корупција, не може да одлучува. Штом почна изборниот процес, нема вработување, Собранието ќе си донесе одлука поради итност. Пратениците, во согласност со Уставот, е во постојано заседание. Веднаш треба да земат да ги утврдат правилата на игра за да си се кандидираат луѓето – вели Давитковски.

Каков ќе биде ставот на антикорупционерите сè е уште неизвесно, но треба да се спомене дека само што беше формирана лани, пред парламентарните и претседателските избори, ДКСК донесе одлука дека е незаконски да продолжи приемниот испит за 130 слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, кој беше почнат една година претходно, затоа што го сметаа за вработување. Тогаш се постапуваше по приговор на тогашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова. Ако се влече аналогија од овој предмет, за антикорупционерите ниту изборот на нивниот нов претседател, не треба да биде итен.

По распишувањето на изборите, ДКСК објави и известување поврзано со локалните избори и во него е наведено дека мислења нема да даваат.

– Државната комисија за спречување на корупцијата, во согласност со одредбите на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, нема надлежност и не дава мислења по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата – известуваат од ДКСК.

Оттаму ги потсетија сите државни институции, политичките партии, учесниците во изборниот процес и јавноста на законските ограничувања за користење и располагање со буџетски средства во периодот пред претстојните локални избори.

Комисијата, која требаше да гони корупција, имаше претседателка обвинета за две кривични дела. Таа е осомничена дека одавала службени тајни на осомничен од случајот „Адитив“, како и за злоупотреби при полагање на тестот за сертификат за државна тајна, односно дека нејзин колега го полагал тестот наместо неа. Таа даде оставка под притисок на јавноста, но беше вратена на своето старо работно место – во Државниот завод за ревизија. Другите членови на ДСКС, по овој скандал беа децидни дека не даваат оставка.

– Преостанатите членови не можат да бидат одговорни за дејства за кои е поведена истражна постапка против претседателката како поединец и оттаму не се чувствуваат повикани да поднесат оставки – рекоа од ДКСК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот