
Како претседателите на САД го празнуваат Четврти јули
Од роденденски говори и гозби во Белата куќа до интимна независност што подалеку од јавноста
Џо Бајден ќе организира скромна трпеза за воени ветерани и нивните семејства во дворот на Белата куќа по повод Четврти јули, но, како и многумина претседатели пред него, ќе го искористи американскиот национален празник барем на кратко да прогласи „сопствена независност од јавноста“.
Препорачано
Ретки се оние како Теодор Рузвелт што организирал големи говори пред 200.000 луѓе (во 1902 година), настојувајќи да се избори за централно место под традиционалните четвртојулски огномети.
Или како Доналд Трамп, кој во 2019 година ја разбранува нацијата со организирањето воена парада, според примерот на советските или севернокорејските. Повеќето претседатели го користеле националниот празник за да се одморат на плажа, на планина, на ранч или терен за голф, а Френклин Рузвелт за да плови до Хаваи и да лови риба.

Бајден во 2021 година го искористи празникот за да го истакне успехот во борбата против пандемијата пред 1.000 гости во дворот на Белата куќа, уште додека низ земјата сѐ уште не почна да циркулира високозаразната мутација омикрон на коронавирусот.
– Поблиску сме од кога било порано за да прогласиме независност од смртоносниот вирус – порача тогаш Бајден. Неговите советници подоцна признаа дека претседателот „излетал“ со победничкиот говор, бидејќи омикрон зарази уште милиони луѓе и покоси илјадници животи.
Следната година Бајден одржа говор со кој се обиде да го врати оптимизмот во нацијата, потресена од пандемијата, хаотичното повлекување од Авганистан и од економската криза.
Сега празнувањето ќе биде уште поскромно, за да се избегнат инциденти во критичниот период кога се постројуваат политичките машинерии за претседателските избори в година.
Ричард Никсон, за споредба, не се појавувал пред јавноста на Четврти јули, но не ги смирил антивоените протести.
Годинешната прослава е според рецептот на Барак Обама, кој вообичаено канеше на скара ветерани на Јужниот тревник на Белата куќа, прославувајќи го роденденот и на нацијата и на својата ќерка Малија.
Скромни церемонии организираа и Џорџ Буш, кој присуствуваше на церемонијалната заклетва на имигранти што стекнале американско државјанство и Бил Клинтон, кој на празникот го посети заливот Чесапик каде што беше пуштен во дивина млад белоглав орел со симболично име Фридом.

Историјата на САД покажува дека и скромни гозби во Белата куќа може да бидат погубни за претседателите.
Закари Тејлор на 4 јули 1850 година на трпезата послужил цреши и млеко, без да знае дека се расипани. Само пет дена подоцна тој починал од труење.
Теориите на заговор дека храната била затруена со арсен беа отфрлени во 1990 година, кога беше ексхумирано телото на претседателот заради лабораториска анализа.
Првата прослава на Четврти јули ја забележал Џон Адамс во 1777 година во Филаделфија, уште пред тој да стане претседател, а Вашингтон главен град.
– Чекорев по улиците, на чист воздух и за да бидам во форма, и бев изненаден кога целиот град палеше свеќи на прозорците. Чекорев цела вечер и бев сведок на најпрекрасното осветлување што сум го видел… Бев воодушевен од општата радост – запишал Адамс во писмо до неговата сопруга Ебигејл.
Првиот претседател Џорџ Вашингтон во 1791 година го прославил празникот во Ланкастер, Пенсилванија, со „обраќање, добра храна и прошетка низ градот“. Адамс, сега веќе како втор претседател, во 1798 година организирал воена парада во Филаделфија, а третиот претседател Томас Џеферсон бил и првиот во историјата на САД што на Четврти јули во 1801 година организирал прием во Белата куќа.
И Адамс и Џеферсон починале токму на 4 јули во 1826 година, а и петтиот претседател Џејмс Монро починал на овој датум пет години подоцна.

Калвин Кулиџ, кој пак бил роден на 4 јули, својот роденден и националниот празник го прославил со рибарење во Висконсин.
Френклин Рузвелт во 1934 година заминал на едномесечна авантура од Анаполис во Мериленд преку Панамскиот канал, сѐ до Хаваите.
По Втората светска војна претседателот Хари Труман на празникот одморал во резиденцијата „Шангри ла“ на Рузвелт, која подоцна била преименувана во „Кемп Дејвид“.
Двајт Ајзенхауер во 1953 и во 1957 година „избегал“ на партија голф.
За време на Виетнамската војна, празникот бил повод за политички пораки.
Линдон Џонсон во 1968 година од својот ранч во Тексас говорел дека „нема независност за сиромашните, малцинствата, болните што дишат загаден воздух и за оние што живеат во страв од криминалот, наспроти нашата четвртојулска реторика“.
Во 1970 година, пак, на звучници било пуштено снимено обраќање од Ричард Никсон, кое од толпа антивоени демонстранти било пречекано со свирежи и нереди.