Како британската секретарка која шпионирала за СССР избегнувала да биде разоткриена цели 40 години

Стоејќи во својата градина во предградието, 87-годишната пензионерка Мелита Норвуд гледаше во објективите на бројните камери и мирно ја читаше претходно напишана изјава на лист хартија.

– Не се сметам себеси за шпион. Генерално не се согласувам со шпионирање против својата земја. Го направив тоа што го направив, не за да заработам пари, туку за да помогнам да се спречи поразот на новиот поредок кој, по голема цена, им даде на обичните луѓе храна, добро образование и здравствена заштита – изјави таа за новинарите, пренесува Хистори.

Мелита беше страствен градинар. Соседите ја сметаа за симпатична бабичка. Ги минувала деновите во својата градина негувајќи ги цвеќињата или гледајќи ги луѓето на улица по нејзиниот утрински чај од нејзината шолја Че Гевара.

принтсрин: Youtube

А сега им признаваше на новинарите и на целиот свет дека ја изневерила својата земја и била советски шпион цели 40 години!

Мелита Норвуд била комунистка од рана возраст. Нејзиниот татко бил Летонец и побегнал од Русија во Англија. Издавал весник со текстови напишани под влијание на Октомвриската руска револуција и преводи на делата на Ленин и Троцки.

Меѓутоа, тој починал од туберкулоза кога Мелита имала шест години, па на нејзиниот развој и политичка свест најмногу влијаела нејзината мајка. А таа била политички активен левичар. Родена во 1912 година, Мелита всушност од најраното детство се движела меѓу комунистите, социјалистите и ленинистите.

Се запишала на Универзитетот во Саутемптон каде што студирала латински и логика, но се откажала по првата година и се преселила во Лондон за полесно да најде работа. Кога имала 20 години, почнала да работи како секретарка во Британското здружение за истражување на лесни метали (BN-FRMA). Тоа ѝ овозможило пристап до информации и документи со голема важност, бидејќи тоа била една од институциите кои работеле на таен проект наречен „Tube Alloys“ – за развој на британско нуклеарно оружје.

Само две години подоцна, Норвуд шпионирала за СССР.

– Сигурно сум помислила дека секоја работа која ја вршеше БН-ФМРА, не само тајните работи, би можела да биде корисна. Но, не помислив веднаш дека можам да шпионирам. Сакав само да им се призближам – објаснила таа години подоцна.

Сепак, шпионажата дошла многу брзо, а Мелита се покажала како исклучително способен агент. Во следните четири децении, таа била позната во круговите на КГБ како агентот Хол, а во КГБ давала непроценливи информации и досиеја.

Сепак, Дејвид Бурк, кој ја напишал книгата за неверојатниот живот на Мелита, верува дека за сето ова време Мелита Нортвуд останала идеалист.

-Мелита не беше тврдокорен сталинист. Во срцето беше комунистка и прилично наивна. Мислеше дека тоа што го прави е за добросостојба на целиот свет. Кога стана политички активна во 30-тите години, многумина ја гледаа Русија како единствената нација способна да ги победи нацистите. Еднаш ми рече дека не се согласува со шпионирање против нејзината земја. Рече дека нејзината цел е да ја држи Русија во тек со настаните – рече авторот.

Но, додека за мотивите на Мелита сè уште може да се дебатира, за она што таа го направила – не може!

Таа земала папки од сефот на нејзиниот шеф, ги фотографирала деталите и им ги предавала на Советите. Кога била фатена, признала дека понекогаш пишувала белешки од состаноците, а потоа „правела дополнителна копија“ која ја проследувала до КГБ.

Нејзината работа продолжила и по Втората светска војна и нема сомнение дека она што го испорачувала било корисно за Советите. Во тие години Русите интензивно работеле на развој на сопствена атомска бомба. Документите што им ги испраќала агентката Хол во голема мера го забрзале тој процес. Всушност, се верува дека токму таа им го дала „последниот дел од сложувалката“ што им овозможило да го спроведат првиот успешен тест на атомската бомба во 1949 година, четири години порано од очекуваното.

Мелита Нортвуд работела и на регрутирање. Во 1967 година, таа го придобила британскиот државен службеник познат само по кодното име „Хант“, кој издавал тајни за продажба на оружје речиси 15 години. Иако неговиот идентитет сè уште е непознат за јавноста, Норвуд подоцна признала: „Нема да го негирам тоа… ја преземам целосната одговорност и вината“.

Мелита Норвуд била најважниот агент во Британија во целата историја на КГБ, како и најдолго активен агент од сите советски шпиони во таа земја. Водачите на КГБ биле многу задоволни од неа, а во нејзиното досие запишале највисоки оценки нарекувајќи ја „посветен, доверлив и дисциплиниран агент кој се труди да биде од најголема помош“.

Мелита Норвуд неуморно работела против Велика Британија цели четири децении пред да се повлече од шпионскиот живот во 1972 година. И, се чинело, дека се извлекла! Со години живеела мирно, тивко и повлечено.

А потоа, во 1999 година, еден бегалец од Советскиот Сојуз донел обемна архива на КГБ со себе во Британија и идентитетот на агентот Хол бил откриен!

Безбедносната служба првично инсистирала дека нејзината улога била „маргинална“. Тоа било огромен срам за нив. Се испоставило дека Мелита била испитувана најмалку седум пати во текот на годините, дури била идентификувана како безбедносен ризик во 1965 година, но против неа не било преземено ништо.

Сепак, никој не бил повеќе шокиран од ќерката на Мелита.

– Што и да направила, јас ја сакам. Таа е многу добра личност, многу силна и не ја интересираа материјалните придобивки. Тоа беше целосен шок во тоа време. Зборував со неа за шпионирањето, но таа ми кажа многу малку за тоа што го правела, иако истакна дека татко ми не го одобрувал тоа – изјавила подоцна ќерката на Мелита, Анита, која работела како лаборант.

Кога конечно беше разоткриена, признавајќи им сè на новинарите во нејзината градина, јавноста побара Мелита Нортвуд да биде кривично гонета. Меѓутоа, тогашниот министер за внатрешни работи на Обединетото Кралство Џек Строу пресуди дека таа е премногу стара и дека би било несоодветно да се изведе таква старица на суд.

Помогнало и тоа што се покажало дека Мелита навистина сè што правела го правела поради идеал. Со текот на годините, таа ги одбивала сите пари што ѝ биле понудени, па дури и пензијата што ѝ ја одредил КГБ.

И така, оваа бабичка продолжи да живее во нејзината куќа во предградието, одгледувајќи растенија и занимавајќи се со грнчарство. Почина на 2 јуни 2005 година, кога имаше 93 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот