Кристина Арнаудова и Дани Димитровска/ Фото: Принтскрин/ Фејсбук

Каде се и што прават летово Кристина и Дани: Одмор од соништата – без телефони, со игрите од детство

Лето – омиленото годишно време ни е во мислите во текот на целата година, бидејќи ја храни нашата душа. Сонце, море, плажа, патувања, посета на магични градови, чисто задоволство…

Во оваа летна приказна не се исклучок ниту нашите јавни личности. Иако ним најчесто летниот период им е исполнет со професионални ангажмани, секако сакаат да најдат слободно време за летен одмор, да се растоварат од обврските, да побегнат од градскиот метеж и вжештените улици.

Дел од нив за „Слободен печат“ открија како го поминуваат летото, кои им се омилените места за летен одмор во Македонија и надвор од нејзините граници и која им е дестинација од соништата.

Фото: Принтскрин/ Фејсбук

Кристина Арнаудова

Жена со прецизна визија, професионалец во она што го работи, а во моментот, тоа е работата со нејзиното здружение „Проект среќа“. Пејачката позната по прекрасниот специфичен вокал, одлучи своето време, енергија и внимание да го посвети на хуманитарната работа, најмногу насочена кон децата од ранливи категории. Летото сака да го користи за патувања, но неизбежни се и професионалните ангажмани.

– Имам еден принцип во лето, а тоа е малку одмор, малку работа секој месец. Бевме во јуни фамилијарно во Барселона, во јули во Грција, а во меѓувреме работам на проектите во „Проект среќа“, летните кампови и турнејата што ни следува со Детското драмско студио за деца со помалку можности „Неверленд“.

Во август пак малку одмор, па потоа реализација на вториот бесплатен камп за деца во социјален ризик.

Се надевам дека и во септември ќе имам малку одмор, бидејќи со почетокот на школската година имаме најмногу работа во „Проект среќа“.

Како го замислуваш твојот одмор од соништата?

– Мојот одмор од соништата го замислувам и реализирам секогаш. Моја голема пасија се патувањата, па главно се опуштам кога сонувам за нови дестинации. Одамна сонувам за Бали, па можеби на тој план најмногу ќе се фокусирам.

Омилено место во Македонија за бегање од секојдневието?

– Македонија има супер места за изолација, но има проблем со инфраструктурата, а и патиштата не се во добра состојба, па за жал, избегнувам да патувам по скриени места. Мои омилени места досега се Брајчино и Берово.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм

Дани Димитровска

Нашата рок-дива Дани Димитровска периодов е актуелна со својата нова песна и видеоспот „Има љубов во нас“, со која нѐ потсети дека сѐ уште го негува нескротливиот и немирен дух во себе, повторно преточен во нејзината музика. Иако летото ѝ минува брзо, таа сака бавни денови покрај вода.

– Летото си минува брзо и жешко… Денски под клима, навечер во опуштени прошетки… некои денови се бавни, а некои со брзина на светлината.

Дали имаш професионални ангажмани?

– Имам три авторски концерти до крајот на летото. Едниот помина совршено и тоа во Крушево, неодамна.

Како го замислуваш твојот одмор од соништата?

– Совршен одмор од соништата ми се бавните денови со благ ветер и без изгореници на кожата. Домашна атмосфера покрај некоја вода. Без телефони, со игрите од детство.

Омилено место во Македонија за бегање од секојдневието?

– Маврово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот