НАТО И полско знаме зад тенк Амбрамс на вооружените сили на Полска - EPA/TOMS KALNINS

Каде потфрли Полска, а каде НАТО со руските провокации?

Во услови на воинствена Русија и војната во Украина, Полска брзо ја проширува својата армија, со амбиција да стане најсилна европска воена сила во НАТО. Сепак, набавката на модерно оружје и масовната мобилизација откриваат структурни слабости: недоволниот капацитет за беспилотни летала, забавеното регрутирање и ограничената логистика ја оневозможуваат Варшава целосно да ја реализира својата стратегија за одбрана, пишува „Киев Индепендент“.

Полски војници на местото каде падна руски дрон – EPA/WOJTEK JARGILO POLAND OUT

Како што вели Роберт Чулда, аналитичар за безбедност и професор на Универзитетот во Лоѓ Полска, државата треба да биде претпазлива повеќе од што е во моментов.

„Војната во Украина, се разбира, внимателно се следи, но лекциите се спроведуваат многу бавно. Иако руската инвазија доведе до купување модерна одбранбена опрема, овие набавки честопати беа насочени кон купувања од висок профил, а не кон системски реформи – вели тој.

Неоспорен лидер во трошоците за одбрана

Полската армија порасна од 100.000 војници во 2014 година на 216.000 во 2025 година и е третата најголема во НАТО по САД и Турција. Закон за одбрана донесен во 2022 година предвидуваше армија од 300.000, а премиерот Доналд Туск презентираше план за национална воена обука со цел да се достигне половина милион војници, вклучувајќи резервисти.

„Подготовката на голема воена обука за секој возрасен маж во Полска не е само идеја – тоа е потреба за одбрана на земјата во услови на руска агресија“, вели Чулда.

Полската влада исто така издвојува рекордни 4,7% од БДП за одбрана, што е најголем удел во НАТО, со цел да се купи вонреден арсенал за одбрана и да се зајакне границата.

Купување оружје и зајакнување на границата

До 2030 година, Полска планира да поседува 1.100 тенкови, вклучувајќи „Леопард“, „Абрамс“ и К2, како и голем број авиони, самоодни хаубици и системи HIMARS. Границата со Калининград и Белорусија се зајакнува преку иницијативата „Источен штит“, а земјата се повлекува од Договорот од Отава за противпешадиски мини.

Полски тенк EPA/VALDA KALNINA

Руски дрон неодамна се урна во Полска

Клучен проблем останува системот за беспилотни летала и контра-дронови. На 20 август, руски дрон се урна во селото Осини по долг лет од околу 100 километри во полскиот воздушен простор. Полската армија располага само со еден домашен систем, SKYctrl, кој често не функционира правилно. Чулда нагласува:

„Недостатокот на робустен систем за беспилотни летала и контра-дронови е особено впечатлив со оглед на централната улога на беспилотните летала во Украина.“

ФОТО: Се тврди дека рускиот дрон во Полска е од типот „Гербера“

Овој недостаток ја остава полската флота Ф-16 и Ф-35 ранлива на руски беспилотни напади.

Бавно регрутирање и ограничена логистика

И покрај плановите за масовна армија, регрутирањето е забавено: само околу 16.000 нови регрути се приклучија во 2023 година, а 10.000 до средината на 2024 година. Чулда додава:

„Војната во Украина покажува дека треба да имате ефикасен систем за замена на војниците на фронтот. Сè уште не сме создале таков систем, вклучително и обука за резервистите.“

Други слабости се во сајбер и вселенска интелигенција, домашен капацитет за артилерија, цивилна одбрана и логистика. Министерството за одбрана, сепак, вложува 55 милиони долари во купување дронови и отвори нов Заеднички центар за анализа и обука со НАТО и Украина (JATEC) во Бидгошч за споделување искуства од војната.

Марк Руте и Доналд Туск, НАТО и Полска EPA/Pawel Supernak POLAND OUT

Според повеќето западни медиуми Полска потфрли во техничката и системската подготовка, поточно бидејќи таа во моментов нема доволно развиени контра-дрон системи, логистика и добра обука што ја прават земјата и покрај сите нејзини вложувања ранлива на руските провокации од воздух. Од друга страна НАТО потфрли во брзата и одлучна реакција на нарушување на воздушниот простор на сојузник – дроновите биле откриени, но не биле соборени, што покажува дека заштитата на сојузничкиот простор сè уште не е доволно интегрирана.

НАТО: Рускиот упад во полскиот воздушен простор не се третира како напад

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот