Кадар од Фронтот на Ахмети се токми за заменик- министер во одбрана

Откако Елфете Исмаили поднесе оставка и реши да го следи партискиот лидер на дел од Алијанса за Албанците Арбен Таравари да ја напушти Владата, во фотелјата за заменик-министерското столче за одбрана можно е да седне претставник од помалите партии во Европски фронт, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од Вреди

Во фотелјата за заменик-министерското столче за одбрана можно е да седне кадар од помалите партии во опозицискиот Европски фронт, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од Вреди, откако Елфете Исмаили си поднесе оставка и реши да го следи партискиот лидер на дел од Алијанса за Албанците Арбен Таравари да ја напушти Владата. Ако Вреди постигне ваков договор, тоа ќе значи ситнење на Фронтот, но и плус пратеници со поддршка на владејачкото мнозинство.
Собраниската седница на која ќе се избираат новиот министер за здравство и замениците во земјоделство и во одбрана планирано е да се одржи на 12 јуни, до кога ќе биде и појасно дали столчето во одбрана ќе го пополни кадар од Европскиот фронт или од делот од Алијанса, која му остана верна на премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот потврди дека ако на Собранието не му успее да се организира седницата за избор на министерот и замениците да биде порано, изборот ќе се одржи на 12 мај.

– Се обидуваме да успееме пред 12 јуни, за кога е закажана нова седница, петти и деветти (јуни -н.з.) се дадени како термини, ако успее Собранието да се организира и тогаш да има седница, ако не, на 12 јуни ќе се избира и министерот за здравство и двајцата заменици – рече Мицкоски.

Првиот вицепремиер Изет Меџити повеќепати изјави дека и по расколот во Алијансата предводена од Таравари, мнозинството ќе се зголеми за четири пратеници од Фронтот, но засега не се открива со кои од помалите партии од Фронтот предводен од Али Ахмети се преговара.
Иако се шпекулира дека во игра за засилување на мнозинството се пратеници од партиите на Турците, Бејџан Иљас и Сали Мурати, Мендух Тачи од ДПА и Исмаил Јахоски, дел од нив со кои контактиравме, негираат дека преговараат за да бидат дел од власта.

И Алијанса на Села во игра за новиот министер за здравство

– Во тек се преговори со помалите партии од Европскиот фронт, а кога ќе финализираат, ќе биде познат и новиот заменик-министер за одбрана – вели функционерот од Вреди.

Пратеникот Иљас од Турската демократска партија, која е дел од Фронтот, вели дека досега немало преговори со власта. И Сали Мурати од Движење на Турците тврди дека ниту разговарал ниту се во какви било преговори, ниту, пак, ќе бидат.

– Цела година македонската јавност е дезинформирана за оваа работа. Ние сме принципиелни и го почитуваме договорениот и коректниот однос во редовите на Европскиот фронт. Ние сме партнер и дел од Европскиот фронт. Имаме сопствен став и видување за внатрешните и надворешните односи и позицијата на турската заедница во нашата држава. Нема да преговараме со ниту еден субјект надвор од Европскиот фронт. Легитимитетот е во Европскиот фронт. Исто така, ние сме легитимни претставници на турскиот електорат во Македонија. Во нашите редови имаме три пратеника од турската заедница. Турскиот народ во нашата држава е со нас – ни изјави Мурати и повика на предвремени парламентарни избори, затоа што Владата имала селективен пристап кон проблемите на турската заедница.

И пратеникот Јахоски негира дека преговара за поддршка на власта.

– Не преговарам и никогаш нема да ја сменам страната – ни изјави Јахоски.

Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Владата, пак, веќе ги достави до Собранието предлозите нов министер за здравство да биде ексминистерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, а за заменик-министер за земјоделство – Албрим Хоџа. Нема предлог за позицијата заменик-министер за одбрана.
Алиу беше министер во Владата на Димитар Ковачевски, а сега Мицкоски го предлага за министер за здравство. Хоџа, пак, кој треба да стане заменик во земјоделство, е новинар, маркетинг агент, а подготвувал и ИПАРД-проекти за земјоделие.

Меџити смета дека Алиу е добар избор за министер за здравство: Пред сè треба да е добар менаџер

Излегувањето на Таравари од Владата не го следеа вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој во Владата ја задржа функцијата, а во партијата направи фракција што се спротивстави на одлуката на лидерот Таравари. Од оваа фракција тврдат дека повеќето функционери и  директори остануваат на функциите. По одлуката да излезе од Владата, Алијанса остана без двајца пратеници и со тоа пропадна најавата дека ќе формира пратеничка група за која се потребни пет пратеници. Пратеникот Салим Сулејмани го врати мандатот, а нова пратеничка на Вреди е Ваљбона Адили Емини, додека пратеничката Мимоза Муса остана во пратеничката група на Вреди. На Таравари послушност му откажа и поранешната потпретседателка на партијата Бујаре Абази, која неодамна беше изгласана во  Собранието за  претседателка на Комисијата за хартии од вредност.
По излегувањето на Таравари од Владата, Вреди од 14 сега има 11 пратеници и наскоро ќе биде појасно дали ќе им се придружат нови пратеници од Фронтот за да се оствари најавата на Меџити дека пратеничката група ќе брои повеќе од 14 народни избраници.

Азир Алиу е предлогот за нов министер за здравство, Арбен Фетаи влегува во претседателството на „Вреди“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот