Добрила Кацарска, претседателка на Уставен суд/ Фото: Слободен печат

Кацарска: Преспанскиот договор и Законот за јазици нема да останат под тепих, Уставниот суд на есен ќе одлучува за нив

И покрај тоа што Уставниот суд две години не работи во полн состав, сепак претседателката Добрила Кацарска е одлучна оваа есен, во септември или најдоцна до октомври да расправа за двата клучни предмети кои во Судот се провлекуваат со години – Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците.

-Пратениците се мајтапат со Уставниот суд. Работeвме и со 5 судии, на работ на кворум бевме и несериозно е што пратениците се уште не можат да изберат уште двајца судии. Овие два предмети се обемни, но јас не сум судија кој предметите ги остава во фиока или под тепих.  За уставноста на Преспанскиот договор има 5 поднесени иницијативи, а за Законот за јазици 13. Тоа ни го покачува бројот на нерешени предмети и нема да дозволам да останат нерешени уште долго време чекајќи го Собранието да ги избере уставните судии, рече претседателката Кацарска.

Уставниот суд, по нејзин предлог, кој едногласно го прифатиле колегите уставни судии, оформи и предмет  во кој ќе води постапка за оценување на уставноста на Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги. Предметот е доделен кај судија известител и наскоро ќе се изработи реферат, информираше таа.

И покрај тоа што Левица вчера се пофали дека ќе ја оспори уставноста на Упатството, партијата досега пред Уставниот суд не поднела никаква иницијатива.

Кацарска смета дека Упатството е спротивно на Уставот без да прецизира во кој дел. Своите аргументи ќе каже на седница на Уставниот суд кога ќе се одлучува за овој предмет. Во оваа фаза Уставниот суд не може да донесе ниту времена мерка за замрзнување на примената на Упатството, зошто нема такви овластувања според актуелниот Деловник, за која најави дека наскоро ќе се смени.

Со новиот Акт кој сега го подговува Уставниот суд ќе се регулира и оваа сфера и Кацарска најави повеќе измени во однос на стариот Деловник по кој Судот работи веќе 30 години и е надминат.

-Станува збор за револуционерен акт во кој ќе се регулира постапката, финансиите, роковите за одлучување кои сега просечно се просечно околу  4 месеци. Се трудиме да бидеме поажурни, нагласи претседателката на средбата со новинарите и додаде дека можно е да се внесе и Уставна тужба, која првично ја побарале да се внесе преку уставните измени кои се подготвка, а се однесуваат на внесувањето на бугарското малцинство, но биле одбиени.

Кај судија известител во моментов се иницијативите за измените на Законот за работни односи во врска работните часови заради изградбата на автопатот на „Бехтел и Енка“, како и иницијативата за бесплатен превоз на сите средношколци и наскоро ќе се најдат на расправа пред уставните судии.

Претседателката Кацарска се пофали со успешната соработка со бугарскиот уставен суд и со регионалната инцијатива Балкански форум на уставни судии во која покрај Македонија и Бугарија членуваат и уставни судии од Грција, Романија, Албанија, Косово, а се очекува и приклучување и на колеги – судии од Хрватска и Словенија. Инаку, како што нагласи Кацарска меморандумот со Бугарија е склучен на македонски јазик и во него, по нејзино инсистирање е избришана формулацијата „службен јазик на земјата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот