Добрила Кацарска - претседател на уставен суд / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Кацарска: Без уставна жалба, граѓаните губат многу

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, говорејќи за потребите и придобивките од воведување уставна жалба, преку примерот со аферата со прислушувањето, појаснува дека немањето уставна жалба во Македонија значи дека граѓаните на кои им била нарушена приватноста не можат да се обратат пред Уставниот суд за да бараат заштита, тие мора директно да се обратат пред Судот во Стразбур.

Сметам дека треба да седнат политичарите на заедничка маса и да разговараат. Конечно да сфатат дека сите ние работиме за заеднички интерес на граѓаните. Тоа е првиот чекор, тие да се договорат. Понатаму треба преку амандмани да се измени и отвори Уставот и да се прошири надлежноста на Уставниот суд – изјави Кацарска во интервју за Македонската радио телевизија.

На прашањето како би гласел тој член во Уставот што ќе се донесува на уставна жалба, Кацарска појаснува дека надлежноста на Уставен суд е регулирана во членот 110. Каде точно ќе реагираат пратениците, таа вели дека е сепак нивна надлежност, кој член би го смениле, на кој начин.

Прашана зошто се залага за уставна жалба, кога тоа е надлежност на политичарите, претседателката на Уставен суд посочи дека забележала оти има многу мал број на барања што се поднесуваат до Уставниот суд.

Си поставив себе си прашање, дали ние сме толку идеална држата, што не се повредуваат правата, па само мал број на граѓани се обраќаат до нас. Од друга страна најголемиот број на барања се отфрлаат во Уставниот суд и тоа со само една реченица „Уставниот суд, не е инстанционен суд”. Мои заложби беа да одлучуваме мериторно. Најпрво да видиме дали е основано тоа барање или не. И имаме тука мал напредок, сега претежно одлучуваме мериторно и освен тоа имаме една одлука за новинарот Влатко Стојановски од „Фокус”, негово барање за настаните од 27 април кога му беше попречена слободата на изразување на говорот. Точно е дека имав средба со државниот врв во просториите на Уставниот суд и тогаш разговаравме пред се околу пополнетоста на Судот, затоа што знаете вие медиумите дека еден период се работеше на работ на кворум. Втора тема за која разговарав со државниот врв беше уставната тужба, но еве и по протек на време од околу две години сеуште нема ништо ново – додава таа.

Кацарска очекува овој предлог да допре до пратениците и да се договорат да ја воведат уставната жалба.

Би нагласила дека од регионот единствено Бугарија нема уставна жалба. Но пред два месеца бев во Софија, кога го формиравме Балканскиот форум на уставни судови и од претседателката на нивниот Уставен суд разбрав дека политичарите веќе сериозно работат на уставна жалба и многу скоро ќе ја воведат, што значи дека ние остануваме единствени што немаме уставна жалба. Како една од шестте републики на Југославија само Македонија ја нема уставната жалба, а останатите пет републики тоа го имаат веќе со години наназад. Жално е што секогаш ние како да се бориме и постојано работиме да бидеме последни. Во поглед на нивните искуства можам да кажам дека има голем број тужби кај нив, тоа се илјадници предмети. Факт е дека и кај нив најголемиот дел се отфрлаат, но има добар дел кои се од интерес на граѓаните. Ако само, не мора повеќе еве 50 такви барања ги заврши Уставниот суд, 50 помалку предмети пред судот во Стразбур. Тоа значи многу и за граѓаните и за државата – заклучи таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот