
Кабелските оператори во 15 часот ќе се сретнат со Спасовски
Последни обиди да не дојде до прекин на реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март на полноќ.
Денеска во 15 часот во Владата ќе се оддржи средба на техничкиот премиер Оливер Спасовски и претставници на операторите на јавна електронска комуникациска мрежа (или попознати како кабелски оператори).
Препорачано
„Слободен печат“ разговараше со дел од нив кои не информираа за средбата со Спасовски, на која се очекува да најдат заедничко решение во врска со нивниот најавен „медиумски мрак“ закажан за понеделник (2 март) од полноќ.
– Ќе разговараме со Спасовски и се надеваме дека ќе најдеме заеднички јазик, со цел да продолжиме со работа, затоа што е важно ние да не го прекршуваме според нас спорниот Закон. Очекуваме дека ќе биде усовена поднесената заедничка Иницијатива до Уставниот суд за поништување на спорните одредби, како и донесување на времена мерка со која веднаш ќе се одложи примената на усвоените законски измени, поради нивна неуставност, велат операторите.
Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори, претходно донесе заклучок да го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март, вечерта на полноќ. Исклучок ќе бидат каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и собранискиот канал.
– Ваквиот заклучок на членките на Здружението на ИКТ е последица на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието на РСМ ги донесе на 16 месецов, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа, стоеше во нивното соопштение.