
Јуриј Камелчук, пратеник во Врховната Рада на Украина: Македонија може да понуди кампови за обука на украински регрути
Сеедно е дали отворањето кампови би била украинска или македонска иницијатива. Може да се разговара и на парламентарно или владино ниво и да се формира некаква работна група за тоа, по што Украинци би почнале со обука во вашата земја, вели украинскиот пратеник Јуриј Камелчук во разговор за „Слободен печат“.
Украинскиот пратеник Јуриј Камелчук кој е дел од украинската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа“ за „Слободен печат“ говори за досегашната и евентуалната идна поддршка од Македонија, како и за евроинтеграциите кои ги поврзуваат двете земји.
Препорачано
Македонија е поддржувач на Украина уште од почетокот на војната и досега ја покажавме нашата поддршка со оружје, опрема, обука на украински сили и слично. Мислите ли дека тоа е доволно? И каков знак е тоа за Украина?
Се разбира дека не е доволно, бидејќи војната e од многу големи размери, но што се однесува до вашата земја, тоа е многу голема поддршка. Знам дека со околу 16 проценти од вашиот воен буџет ѝ помогнавте на Украина, ги дадовте вашите авиони СУ-25 на Украина кои всушност ги купивте од таму пред 20-тина години и тенкови и хеликоптери па мислам дека како земја помогнавте многу. Што може да направите повеќе? Можеби повеќе обука за украински војници бидејќи им требаат безбедни места за кампови за обука. Тоа можете да го направите, а исто така може да помогнете во преговорите со други земји за обезбедување повеќе оружје, можеби како чешката иницијатива за арилериско оружје или како „тенк алијансата“ или „ф-16 алијансата“. Може да ги поддржите другите иницијативи за обезбедување повеќе оружје. Тоа ни треба. Исто така да се помогне други земји, па дури и како Германија, да обезбедат проектили со голем дострел.
Кога зборувате за тренинг кампови, мислите на кампови во нашата земја?
Да, тоа може да биде во НАТО воена база или нови кампови, се разбира според закон, за Украинци кои може да бидат обучувани откако ја напуштиле Украина и сега живеат во различни европски земји, но можат да одат во тренинг камп како што е сега на пример во Полска. Но камповите во Полска не се доволни бидејќи нема слободни места. Само во Полска имаме 2.000 Украинци кои се подготвени за обука по што ќе потпишат договор со украинската војска.
Мислите дека македонската Влада е расположена или подготвена да го направи тоа?
Не знам. Но, ние можеме да предложиме, според закон, бидејќи не зборуваме за воена компанија. Исто така, тоа може да биде посебен договор меѓу украинската и вашата влада, како што беше меѓу украинската и полската влада. Пред неколку дена официјално почна да функционира и регрутен центар во Полска, во три градови. Во Лублин на пример тој се наоѓа во украинскиот конзулат каде што Украинците можат да дојдат да пополнат посебно барање да бидат регрути во украинско-полска легија.
Каква е процедурата, Украина треба да побара или Македонија да предложи?
Мислам дека е сеедно. Се разбира тоа може да биде иницијатива од Украина, но некогаш приватните, лични иницијативи се побрзи од владините, па може да разговараме на парламентарно, како и на владино ниво и може да се формира некаква работна група за тоа. И ако е можно, Украинци би почнале со обука во вашата земја.
Неодамна во медиумите се појави изјава дека „ако не беа САД, Украина немаше да постои“ во оваа ситуација. Толку многу сте зависни од американската помош?
Провокативно прашање, но мислам дека ако немаше помош од САД, Европа може да биде побрза во носењето одлуки. Но не знам дали тие навистина можат да носат брзи одлуки како САД. Сепак, морам да кажам дека некогаш имавме проблеми и со помошта од САД, воениот буџет за Украина доцнеше мислам 6 месеци. И ние сѐ уште сме таму каде што сме, со помош од Европа, со помош од нашите украински компании. Всушност се обидуваме да воспоставиме повеќе воени фабрики. Се разбира воената помош од ЕУ и од САД е огромна помош за Украина. Мислам дека дури и да немаме оружје сѐ уште ќе се бориме како партизани, бидејќи тоа е нашата состојба на умот.
Се плашите ли дека сега кога фокусот е на војната на Блискиот Исток вие ќе биде оставени малку на страна?
Не, не мислам дека е така. Сега голема војна има не само во Европа, туку и на Блискиот Исток и да бидам искрен војната на Блискиот Исток не е како таа во Украина. Бидејќи нашиот фронт (линија на фронтот) е поголем и воените трупи од Русија се поголеми од оние на другите земји во близина на Израел. Не е иста војна.
Македонија и Украина освен поддршката сега ги поврзува уште една работа, интеграцијата во ЕУ. Ситуацијата изгледа слична но сепак е различна. Ние чекаме скоро 20 години да почнеме преговори, а вие сега се движите побрзо. Што очекувате, колку брз ќе биде вашиот процес?
Не знам. Некогаш експертите велат дека ќе ни требаат 2-3 години за приклучување кон ЕУ, но со оглед на преговорите и сите прашања мислам дека ни требаат повеќе години. Некои експерти пак велат дека тоа може да се случи во 2030 година и мислам дека Северна Македонија мора да биде во иста позиција. За мене е чудно и тешко да разберам дека сѐ уште имате проблеми со ЕУ преговорите. Се надевам дека вашата одлука за вашиот Устав ќе ви помогне. Ако има поддршка во општеството.
Да но тоа е само еден од условите во изминатиот период. Секогаш има некој услов направете ова, она, промена на името, на уставот… Владата, сепак не е сигурна дека ова ќе биде последен услов.
Мислам дека треба да се воспостави соработка со вашите поддржувачи во ЕУ за добивање многу поконкретни одговори од Унијата што точно е на листата на барања што треба да ги направите за две години на пример, а не за десет или 20 години.
Вие лично дали сметате дека Украина е спремна за ЕУ?
Мислам дека ние бевме подготвени пред 10 години. Ментално ние секогаш сме дел од ЕУ. Секогаш. Економски се разбира сега е потешко отколку пред три години, но да ја погледнеме Полска. Тие беа економски послаби отколку што сме ние сега. Па технички се работи за волја од ЕУ и владите на земјите членки да го забрзаат процесот на преговори. Барем така мислам.