
Јошевска Анастасовска: Изземањето на дел од уставните судии од дебатата посочува на политичка, а не на правна агенда
Изземањето на дел од уставните судии од дебатата за Законот за употреба на јазиците посочува на една политичка агенда, наместо на судска и правна, рече вечерва во „Топ тема“ на „Телма“ адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.
Препорачано
Според неа, во моментов се одвиваат два процеса:
„Но, паралелно со оваа правна дебата која би требало да биде единствена, но за жал не е, паралелно со таа правна дебата мора да ја гледаме и перцепцијата на граѓаните кон Уставниот суд и кои пораки Уставниот суд ги праќа, Уставниот суд во целина зборувам, не секој член поединечно, но и овие два или три члена кои се изземаат од дебатирање со тоа што практично го валидираат овој тип на протести. Барем јас така го гледам, бидејќи ако не сакате да се вклучите во дебата за правни прашања, за којашто сте положиле заклетва да го правите, тоа ви е и право, и обврска, и должност во судот да го извршувате – вие практично валидирате дека за ова не треба да се дискутира, што претставува една политичка агенда, а не судска и правна агенда“, рече Јошевска Анастасовска.
Мислењето на Венецијанската комисија е базирано на темелна анализа од страна на стручни лица, додава таа, изразувајќи очекување дека и домашната дебата нема многу да отстапува од неа.
„Правните аргументи се тие, не гледам дека тука можеме да најдеме некаков „сив терен“, поинаку да ги толкуваме овие спорни одредби од законот. Оваа дебата ја имавме и во 2018 година и повеќето се согласивме дека постојат спорни одредби, особено Членот 9, за кој можам да зборувам, а којшто се однесува на судските постапки. За мене нема никаква дилема дека тој член е спорен, неприменлив, а како што се изразува и Венецијанската комисија, ќе го обремени судството и ќе се покаже како излегување надвор од рамката на она што значи унапредување на јазичните права и Охридскиот рамковен договор“, рече Јошевска Анастасовска.