
Јавниот долг постојано расте, а парите не се искористиле за развој
Неопходни се структурни реформи во образование, здравство, инфраструктура, зелена транзиција, дигитализација и за зголемување на продуктивност, беше посочено на дебатата „Фискална дисциплина и ефикасност на фискалните правила во Северна Македонија: Патот кон одржливост“, организрана од Фискалниот совет и „Фајненс тинк“
Јавниот долг постојано расте. Неговиот раст во периодот од 2008 до 2024 година во просек е 7 проценти. За крајот на 2024 година тој е проектиран на 66,4 проценти од БДП, а заедно со достасаните неизмерени обврски е 70,8 проценти. Овие податоци се надвор од законската регулатива според која горниот лимит за јавниот долг е 60 проценти. Надвор од регулативата е и буџетскиот дефицит, кој место дозволените 3 проценти и наредната година се планира да биде 4 проценти. Затоа се препорачува менување на регулативата, затоа што на ваков начин се крши законот.
Препорачано
Ова се поентите од денешната дебата „Фискална дисциплина и ефикасност на фискалните правила во Северна Македонија: Патот кон одржливост“. На дебатата особено беше потенцирано и дека ние реално и немаме вистински податоци. На пример, не се земаат предвид достасаните неизмерени обврски, поради што учесниците на дебатата побараа законски измени.
– Половина од периодот од 2008 до 2024 година го прекршуваме правилото за максимален буџетски дефицит од 3 проценти. Прашање е дали имаме преамбициозни расходи. Ако ги погледаме расходите – колку оди за пензии, плати и трансфери за единиците на локалната самоуправа, тогаш може да се каже дека структурата е социјална, а не развојна – вели Благица Петрески, главен економист на „Фајнес тинк“.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека не е проблемот во тоа што буџетскиот дефицит во изминатиов период најчесто бил над 3 проценти од бруто-домашниот производ, туку за што се користеле парите.
– Лично мислам дека Скопје 2014 не создаде додадена вредност – рече министерката за финансии.
Таа потенцира и дека расположливите податоци не се ни блиску до реалност.
– Прашувам во Министерството за земјоделство колку пари треба да се исплатат по одредена мерка. Ми велат: Ние сме еден буџет во минус. Кога ќе имаме пари, ќе исплатиме. Како е можно тоа? Обврската е направена кога е потпишан договорот за мерката. Исто се случува и во Министерството за социјална политика, кога има пари, тогаш ќе се правеле исплати. Ние имаме сериозен проблем со институциите. Тие треба сериозно да работат со Академијата за јавни финансии, која ја формира претходниот министер, но која сериозно не профункционира – порача министерката.
Димитриеска – Кочоска: Има луѓе што примаат социјална помош и до 60.000 денари
Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев објасни дека јавниот долг растел поради убедувањето дека доколку даноците се држат ниско, а се зголемуваат јавните расходи, ќе има економски раст. Но, посочи Бишев, цената на оваа политика беше зголемување на јавен долг без економски раст.
– Ако нема структурни реформи, потенцијалниот раст на македонската економија ќе биде 2,5 проценти. Под претпоставка дека ќе се реализираат структурните реформи, потенцијалниот раст на БДП би бил 4,5 проценти – рече Бишев.
Тој појасни дека структурни реформи треба да има во образованието, здравството, инфраструктурата, зелената транзиција, дигитализацијата и за зголемување на продуктивноста.
– Со растот на пензиите, наредната година 37 отсто од пензиите треба да се покријат од Буџетот. Тоа е неодржливо! – рече Бишев.
Димитриеска – Кочоска: Скопје 2014 не создаде додадена вредност