
Во Јапонија денеска е измерена рекордна температура од 41,2 степени
Рекордно висока температура од 41,2 степени Целзиусови е измерена денеска во Јапонија, соопшти Метеоролошката агенција на земјата (JMA).
Препорачано
Температурата, измерена во градот Тампа во источната префектура Хјого, е највисоката досега измерена во земјата откако започнаа евиденциите во 1898 година. Претходниот рекорд беше 41,1 степени Целзиусови во градот Кумагаја, северно од Токио, во 2018 година и во Хамамацу во 2020 година.
JMA пред неколку недели објави дека минатиот јуни бил најтоплиот што Јапонија го доживеала од 1898 година. Просечната температура во јуни била за 2,34 степени Целзиусови повисока од нормалната.
🔥 RECORD NATIONAL DE CHALEUR BATTU AU JAPON CE MERCREDI ‼️
41.2°C à Kaibara, battant les 41.1℃ à Hamamatsu en 2020 et à Kumagaya en 2018 https://t.co/wFK3rRJLTd pic.twitter.com/er0xLKOVu9
— Mystere Climat (@MystereClimat) July 30, 2025
Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човекот ги прават топлотните бранови поинтензивни, почести и пораспространети.
Летото 2024 година беше најжешкото досега во архипелагот, но со температури слични на оние од 2023 година. По него следеше најтоплата есен досега.
Цветовите од цреша во Јапонија, иконското обележје на земјата, сега цветаат порано поради повисоките температури или воопшто не цветаат, бидејќи есента и зимата не се доволно ладни за да го поттикнат цветањето.
Уште еден загрижувачки знак: иконскиот врв на планината Фуџи беше покриен со снег дури на почетокот на ноември минатата година, иако тоа обично се случува веќе на почетокот на октомври.
Оваа година сезоната на дождови заврши во Западна Јапонија околу три недели порано од вообичаеното.