д-р Весна Јаневска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Јаневска за „Слободен печат“: Невозможно е за една недела да се решат сите наследени проблеми

Од прво до шесто одделение има дистрибуција на учебници со одредена бавна динамика која инсистирам да се забрза, за оние кои се одобрени. Има и неодобрени, односно неизработени учебници, и за тие исто така бараме решение, на пример, историја и општество за петто и за шесто одделение. За странските јазици од прво до шесто, исто така, нема печатени помагала, вели Јаневска

Новата учебна година во септември ќе започне со истите проблеми, дел од учебниците повторно ќе недостигаат, а седмооделенците ќе учат по старата програма. Концепцијата за основно образование за седмо, осмо и деветто одделение ќе биде одложена бидејќи седмооделенците немаат нови учебници.

Во разговор за „Слободен печат“, министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека вината е во претходната влада која не ги набавила учебниците, иако излегуваа со соопштенија дека работата е речиси завршена. Јаневска вели дека наследиле многу проблеми од претходното раководство, а невозможно е да се решат една недела од мандатот.

Кон крајот на мај започна дистрибуцијата на учебници во основните и средните училишта, во соопштението од Министерството беше наведено дека „се испорачуваат сите учебници од прво до седмо одделение во основното образование кои досега се одобрени“. Вие во изјава ја потврдивте информацијата. Како дојде до тоа да нема учебници за седмооделенците бидејќи сега велите дека ниту еден учебник не е даден на печатење, а голем дел од учебниците не се ни одобрени?

-Потврдив дека учебници ќе има. Децата ќе имаат од што да учат, но за седмо одделение нема да има нови учебници. Претходната влада не ги набавила, иако соопштуваа дека работата е речиси завршена. За жал, не беа искрени и ги манипулираа граѓаните. Јавноста треба да знае дека времето е кратко и не може целиот процес да биде заокружен до септември, заедно со дистрибуцијата. Јас имав неколку средби со Бирото за развој на образованието. Очекувам да донесеме заедничка одлука за надминување на предизвикот за седмоодделенците. Во секој случај, нема да ја оставиме оваа генерација да нема од што да учи – вели Јаневска.

Каков материјал ќе биде обезбеден за седмооделенците?

-Решението за кое говорам, ќе биде само за годинава. Ќе се учи од досегашните, постојни учебници, со одредени дополнувања на материјалот за теми кои претходно ги немало. Имаме стручно мислење дека се компатибилни со целите од учењето и учениците ќе можат да ги постигнат резултатите кои се очекуваат од нив.  До следната година планираме да се заокружи ревидирањето на концепцијата и потоа врз основа на нови наставни програми за седмо и погорните одделенија да се продолжи и со изработка на нови учебници. Ако се оцени, измени ќе има и во пониските одделенија, тоа зависи од мислењето на наставниците практичари – вели министерката.

За кои одделенија има комплетирана дистрибуција на учебници, а за кои ќе недостигаат?

-Од прво до шесто одделение има дистрибуција на учебници, со одредена бавна динамика која инсистирам да се забрза. Зборувам за оние кои се одобрени. А има и неодобрени, односно неизработени учебници и за тие исто така бараме решение. На пример, историја и општество за петто и за шесто одделение, чија содржина ја промашија претходните автори и рецензенти, учебници полни со катастрофални грешки. По странските јазици од прво до шесто исто така нема печатени помагала … За седмо веќе информирав. Верувајте, наследивме многу проблеми кои јавноста не ги знаела и не е возможно да се решат за 7-8 дена од мандатот. Затоа барам трпение и сè ќе дојде на свое место – заклучи Јаневска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот