
Јаневска очекува државната матура да помине без проблеми и порача учениците да не се борат со системот
Mинистерката за образование и наука Весна Јаневска, пред утрешното полагање на првиот екстерен испит од годинашната матура очекува целиот процес да помине во најдобар ред.
Препорачано
-Тестаторите да си ја спроведат сериозно работата и во корист на учениците и на државата. Дополнително напоменувам дека е затегната легислативата и таа треба максимално да се почитува, рече Јаневска денеска при посетата на Градежниот факултет при УКИМ.
Втората порака е до учениците – испитот, рече таа, е дел од нивното образование и не треба да претставува никаков проблем.
-Тие треба да пристапат како кон нормален, составен дел на нивното образование. Им порачувам и да не се борат со системот, да не бидат премногу иновативни изнаоѓајќи разни начини да се снајдат при полагањето на државната матура.Поконкретно кажано, ги замолувам одредени групи, групации и поединци да не го користат препишувањето како метод за полагање на државната матура. Затоа што тоа не е ниту во нивна корист, ниту во корист на нивните родители, ниту во корист на државата, апелираше Јаневска.
За утрешниот прв екстерен испит се пријавени 9969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни.