Пожар во Кочани / Фото: PETR STOJANOVSKI / imago stock&people / Profimedia

Јаневска: 130 психолози на располагање за сите погодени од несреќата во Кочани

Во општините во Брегалничкиот регион има 130 психолози на располагање за поддршка на учениците, студентите и на граѓаните, каде што има починати ученици и блиски во семејствата, како и повредени кои се на лекување, по големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Психолозите работат и на терен, но и ја нудат својата поддршка и преку телефонски повици, соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која беше во посета на неколку училишта во Штип, меѓу кои и во средното медицинско училиште „Јане Сандански“, каде има загинато тројца ученици, а четворица се повредени.

Јаневска истакна дека психолозите се најмногу присутни на терен во Кочани но, како што рече, добро е што на почетокот имале 100, а сега се вкупно 130 психолози, кои се присутни меѓу учениците, студентите и децата во градинките во неколку општини во источниот регион.

– Денеска сме присутни во средното училиште „Јане Сандански“, каде што во едно одделение имаме три жртви, а во друго одделение имаме повеќе повредени, кои се надевам дека брзо ќе оздрават и ќе се вратат заедно со нивните другари да продолжат да учат и да го продолжат животот. Дополнително јас би сакала да им се заблагодарам за мотивот и иницијативата, која поттикна од нив, но и мотивот да работат во вакви тешки услови за благосостојба на младите. Затоа што нема поважно од тоа секако и за наставниците и родителите, но и за младите – рече Јаневска.

Во координација со повеќе институции, како што додаде, бесплатно се нудат психолошки терапии на сите на кои им е потребно.

– Институциите кои имаат надлежност и обврска да функционираат во вакви моменти кризни функционираат во координација, па така и МОН во координација со комората на психолози, Институтот за психологија, УНИЦЕФ и Црвениот Крст организира присуство на психолози во кризните подрачја. Се разбира дека тие се најмногу присутни во Кочани, но добро е што од минатата недела имавме 100, а сега имаме 130, па се присутни тука и во Штип – вели Јаневска.

Центар за советување на млади има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип. Дополнително од претходната недела се прават проверки по училиштата, градинките, државните училишта дали има соодветни апарати за справување со катастрофи.

-На УГД исто така има отворено центар за советување на млади, всушност збирно место на психолози, каде тие се среќаваат, прават план и продолжуваат да работат низ градот, а секако и таму индивидуално да работат. МОН минатата недела испрати писмо до општините и до државните училишта да се направи дополнителна проверка на безбедносните системи, да се види дали има процена на ризик од катастрофа, дали има план за справување со катастрофа и дали опремата која е потребна како ПП апарати, хидранти и слично ја има во училиштата – изјави таа.

Согласно изјавите од ЗЕЛС изминатиот период се потврди дека најголем дел од училиштата ги имаат сите неопходни работи за справување со евентуална катастрофа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот