Стевчо Јакимовски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Јакимовски до Јаневска: Се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката да ми објасни како да ги менаџирам парите

Минатата година 6 милиони плативме од Општина Карпош, оваа година 8 300 000 нема да ги платиме, ќе ги обезбедите вие од Министерството за образование, порача градоначалникот на Карпош.

Не знам дали министерката го чита законот, не знам дали и е доволно познато дека сите обврски за функционирање на училиштата, а тоа значи за електрична енергија, за водоснабдување, за затоплување, за сите други трошоци за тековно инвестиционо одржување надлежно си е Министерството за образование. Тоа што Министерството за образование не си предвидело доволно пари во буџетот за училиштата на Карпош е исклучиво одговорност на министерката за образование.Ова е реакцијата на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски на изјавата на министерката за образование Весна Јаневска која денеска нагласи дека блок дотациите се исплатени на општините и дека нема што дополнително да се дава. Притоа, како што рече, таа верува „дека градоначаникот кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата“.

Јакимовски вели дека овде не станува збор за снаоѓање, туку е потребно министерот за образование да си ги обезбеди пари за да можат децата во училиштата во Карпош да имаат нормално затоплување како што имаат сите деца во светот.

Се прашува министерката како е можно само општина Карпош да нема доволно средства за отоплување, а сите други општини да имаат доволно. Многу просто министерке, од секогаш, уште од она време на Никола Груевски секогаш постојано кратевте од општина Карпош, а постојано додававте кај вашите градоначалници и вашите општини и ова ви се провлекува постојано. Значи минатата година 6 милиони плативме од Општина Карпош, оваа година 8 300 000 нема да си ги платиме, ќе ги обезбедите вие од Министерството за образование – рече градоначалникот на Карпош.

Тој информира  дека во февруари е префрлено 2 милиони денари за училиштата, значи по 200 000 за училиште, а сметките се од 500 000 па нагоре и праша како очекува министерката да се плати остатокот.

Ако е моја обврска да го плаќам парното зошто тогаш Министерството дава пари? А ако е нејзина обврска да дава пари за затоплувањер зошто тогаш бара и ние да дополнуваме и зошто останатите општини не го трошат буџетот да плаќаат за греење туку тоа мора да го прави само Општина Карпош. Овој дискриминаторски однос кон Општина Карпош трае подолго, ама тој не се смирува туку ескалира – тврди Јакимовски.

Јаневска: Верувам дека Стевчо Јакимовски е способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата

Градоначалникот реагираше и на изјавата на министерката дека општината треба да ги менаџира парите што ги добива.

Се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката да ми објасни како да ги менаџирам парите. Тие што ги пуштила сме им ги префрлиле на училиштата, што има тука да се менаџира. Ама потрошиле училиштата 100 банки, а она дала 2 банки. Ни од далеку не се доволни тие средства – рече Јакимовски.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот