Јајца пред Велигден - Фото / Слободен печат / Драган Митрески

Јајцата поскапеа за 25 отсто, свинското месо „надградено“ со плус 40 денари!

Овие поскапувања, единствено може да се протолкуваат како фаќање на подобра позиција, доколку Владата се реши на ново замрзнување или ограничување на маржите, бидејќи и со нивното враќање и позиционирање на 10 отсто, трговците повторно ќе бидат во добивка, велат познавачите

Додека Владата си игра мајтап со граѓаните во стилот „мерки за зауздување на цените на храната ќе има, ама не се знае кога“, трговците отидоа еден чекор понатаму и веќе ги зголемуваат цените, пред нивното евентуално замрзнување. Први на листата и тоа среде лето кога вообичаено има зголемена понуда, отидоа јајцата кои деновиве се поскапени од 25 до 30 отсто (од 68 денари за пакување од 10 на 87, а некаде и до 100 денари).

Во исто време зголемена е и цената на свинското месо, па наместо 399 денари за килограм свински бут сега треба да издовојат 429 денари, а со нови цени се и останатите категории на свинско месо. Овие поскапувања, единствено може да се протолкуваат како фаќање на подобра позиција, доколку Владата се реши на ново замрзнување или ограничување на маржите, бидејќи и со нивното враќање и позиционирање на 10 отсто, трговците повторно ќе бидат во добивка, велат познавачите.

Бројката на несилки кокошки во земјава варира од 800 илјади до над 1 милион, а лани биле произведени над 150 милиони парчиња. Во земјава има околу десет големи фарми (кои чуваат околу 37 проценти од вкупниот број на несилки) и многу средни фарми во фамилијарна сопственост (кои одгледуваат околу 63 проценти од несилките), како и домашна живина. Живинарите се согласуваат дека имаме можности да произведеме доволно за да ги покриеме потребите на домашниот пазар, но увезуваме јајца и од Србија и другите соседни земји. Според статистиката, годишната просечна потрошувачка на јајца на едно македонско семејство е 20 табли или 600 парчиња јајца.

Цената на јајцата постојано растеше од почетокот на 2022 година до октомври 2023 година, кој во одредени месеци повисоки вредности и над 30 проценти, што главно се должеше на зголемувањето на трошоците на производителите предизвикано од енергетската криза.

И производството на свинско месо е недоволно за да ги задоволи потребите на пазарот за свежо месо, поради што домашните производители се принудени да увезуваат свежо месо како суровина при што се изложени на високи царински давачки. Сите видови на свежо или замрзнато месо за преработка од увоз се оптоварени со царини иако се дефицитарни. Од друга страна, постои бесцарински увоз на готов производ од страна на земји со кои се склучени билатерални договори како што се Србија и Црна Гора, Хрватска и БиХ, од кои во земјава влегува 1.900 тони готов производ секоја година без царина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот