
Извршителите допрва бараат правна анализа од адвокатите за извршувањата, не запираат постапките кон должниците
Собранието пред 9 месеци ги усвои измените на законите за облигациони односи и за извршување, но во однос на застареноста, тие немаат никаков ефект врз граѓаните, посочи Омбудсманот Насер Зибери. Деновиве Министерството за правда информираше дека исклучива надлежност за постапување по основа на застареност на предметите кај извршителот, има судот во соодветна постапка
По речиси девет месеци, Комората на извршители бара помош од адвокатите за анализа и правно мислење за правните последици предизвикани од измените на законите за облигациони односи и за извршување.
Препорачано
Барањето е огласено на нивната страница на 13 март, а понудувачот чијашто анализа ќе биде избрана ќе има обврска да ѝ го стави на располагање на Комората од 15 април. Ова не им оди во прилог на граѓаните што постојано реагираат дека извршителите на ја почитуваат застареноста на побарувањата утврдени со одлуки на судовите. По последниот граѓански протест, Министерството за правда соопшти дека нема законски надлежности да дава автентично толкување на законските норми што е во исклучива надлежност на Собранието.
Претходно за ова реагираше и народниот правобранител Насер Зибери, кој потсети дека со измените на законите, кои беа усвоени лани во јули, беше утврдено застарување на извршувањето ако во рок од пет години од правосилноста на извршната исправа не се поднесе предлог за извршување до извршител или ако има барање за извршување, а во рок од 10 години не биде извршено. Зибери укажа дека извршителите постојано ги одбиваат барањата за запирање на постапките кон должниците како резултат на измените на законите.
– Собранието пред 9 месеци ги усвои измените на Законот за облигациони односи, а нашиот заклучок е дека во однос на застареноста, тие немаат никаков ефект врз граѓаните. Имавме средба со Комората на извршители и тие се повикаа на нивната ненадлежност да ја проверуваат застареноста на долговите. Тоа значи дека тие практично одбиваат да постапуваат, бидејќи Министерството за правда не направило измени во подзаконскиот акт и немаат образец за постапување. Иако ни ветија дека поднеле барање за измена на подзаконските акти до Министерството за правда, веќе еден месец не ни го доставуваат. Затоа може да заклучиме дека воопшто и не го поднеле барањето – објасни Зибери и поентираше дека „апсолутно нема никакви пречки за запирање на постапката за извршување“.
Деновиве Министерството за правда информираше дека исклучива надлежност за постапување по основа на застареност на предмет кај извршител има судот во соодветна постапка.
– Правниот институт – застарување, роковите, прекинот и начинот на утврдување, се регулирани со многубројни одредби од Законот за облигациони односи (член 349-382) и тој не се применува автоматски, туку се утврдува во судска постапка на предлог на должникот. Извршителот е должен да постапува по барањето на доверителот и притоа не е овластен да носи никакви процедурални одлуки во однос на текот на извршувањето, што е во исклучива надлежност на судот – стои во соопштението на МП објавено на страната на Комората на извршители.
Зибери на неодамнешниот брифинг со новинарите објасни дека провериле какви се изговорите на извршителите за тоа што не го „фермаат“ законот и им станало јасно дека тие се разликуваат од случај до случај. Дел од причините што ги наведувале во образложенијата биле нивната ненадлежност за постапување, како и неможноста да постапуваат оти ова прашање не било уредено со процесен закон?!
Должниците имаат право да поднесуваат приговори до судовите, но само мал дел од судиите носат решенија со кои поради застареност ги прифаќаат приговорите – како, на пример, судовите во Битола и во Куманово, кои ги уважуваат приговорите на должниците. Потоа следуваат жалбите од страна на извршителите до апелациските судови, кои ги одбиваат приговорите, па постапката за извршување продолжува, посочи Зибери.
– Апелациските судии ги прифаќаат жалбите на извршителите со образложение дека тие не се должни по службена должност да утврдуваат застареност на долговите, оти тоа не е уредено со закон – објасни Зибери и потсети на законските измени.