Проблем со вода од извори на Водно над Клиника / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Изворски води прават „пустош“ во куќи над Државна болница, ниедна институција со „прст не мрда“ да го реши проблемот

Водата извира од повеќе места од земјиштето кое е во државна сопственост и се слева директно врз задниот ѕид од куќите, низ гаражата и дворот, а сопствениците стравуваат дека куќите може и да се урнат доколку не се најде решение.

Две семејства што живеат на улица Белградска, веднаш над Државна болница, веќе неколку месеци минуваат низ вистинска голгота затоа што води, кои извираат од повеќе места, течат врз нивните куќи предизвикувајќи им сериозна материјална штета. Ѕидовите од куќите се мокри, се ронат, во собите се создава мувла.

За нивната мака досега не е најдено решение, иако веднаш пријавиле и реагирале во Град Скопје и во други институции. Но, како што стојат работите, сега засега решение нема затоа што сите се сметаат за ненадлежни за овој проблем.

Водата извира од повеќе места од земјиштето кое е во државна сопственост и се слева директно врз задниот ѕид од куќите и истекува во импровизиран канал покрај куќата и низ мојата гаража и двор, со оглед дека по некое време се појави и во самата гаража место од каде што извира. Материјалната штета е веќе доволно голема, но стравот и грижата од можно уривање на самата куќа доколку не се изнајде решение и не се санира веднаш проблемот, е многу, многу поголема – вели сопственикот на едната од куќите Љубиша Бојовиќ.

Проблем со вода од извори на Водно над Клиника / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Тој објаснува дека најпрво, уште во април, неговата сосетка случајот го пријавила во ЈП „Водовод и канализација“. Нивни екипи направиле увид, земале примерок од водата и по извршеното испитување било утврдено дека водата е изворска, дека не станува збор за некаков дефект на цевка или слично и дека немаат ингеренции за понатамошно постапување. Во мај, претставка е поднесена и во Град Скопје.

Инспектори од градското Одделението за инспекциски надзор над животната средина направиле увид и предметот потоа го препратиле до Министерството за животна средина и просторно планирање, а оттаму, поточно од Државен инспекторат за животна средина, му испратиле официјално известување на Бојовиќ дека откако ја разгледале претставката од Град Скопје заклучиле дека надлежноста за решавање на конкретниот случај е во ингеренции на Град Скопје.

Оттогаш па наваму речиси секој втор ден сум во телефонска комуникација со нив и со кабинетот на градоначалничката и сѐ уште нема никаков конкретен одговор за решавање на случајот – раскажува Бојовиќ.

Проблем со вода од извори на Водно над Клиника / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Во меѓувреме штетата што ја трпат е сѐ поголема. Како што можевме да се увериме и ние, паркетот во дневната соба во куќата на Бојовиќ е подигнат, ѕидот во спалната соба е сосема мокар и мувлосан, па собата не може да се употребува, а два ѕида веќе се ронат. Вода и кал тече и на улицата.

Проблем со вода од извори на Водно над Клиника / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Бојовиќ вели дека во неврзан разговор со инспекторите му било посочено дека можеби единствено решение е да се изгради потпорен ѕид и сливник на земјиштето од каде што извира водата. Но, кој да го направи тоа?

На прашањето до Град Скопје дали имаат решение како да се пренасочат, односно како да се спречи водите директно да се излеваат во ѕидовите на куќите, дали ќе се гради потпорен ѕид, одливни канали или нешто друго, оттаму стигна експресен одговор дека не се надлежни. Притоа, мора да се спомене дека улицата Белградска е градска, а не општинска улица.

 Градот Скопје за улицата Белградска има правна можност поради сопственичката надлежност на Општина Центар, единствено да врши реконструкција и одржување на нејзиниот коловоз. Според тоа, поврзаност со какви било инвестициски и градежни активности надлежност има Општина Центар – тврдат од Град Скопје.

Проблем со вода од извори на Водно над Клиника / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Слично одговорија и од градската Комунална инспекција откако повторија како течела постапката со пријави и увид.

На лице место е констатирано дека од ридот кој се наоѓа зад куќата број 58 на улица Белградска во Центар, Скопје, од повеќе места извира вода, која потоа преку гаражата на наведената куќа, продолжува преку дворот да тече и излегува на самата улица Белградска. Комуналната инспекција на Град Скопје работи по Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води, односно во конкретниот случај Комуналната инспекција на Град Скопје нема надлежност да постапи за решавање појави на извори од природна вода – вели советникот комунален инспектор Фљорим Реџепи.

Тој посочува дека предметот бил препратен до Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и до Општина Центар.
Покрај Министерството за животна средина и Град Скопје и Општина Центар се смета за ненадлежна за случајот, затоа што нема ингеренции на оваа улица.

 Улицата што е предмет на ваш интерес е во надлежност на Град Скопје, според договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Град Скопје и Општина Центар, потпишан во 2019 година, од тогашните градоначалници Петре Шилегов и Саша Богдановиќ – кусо одговараат од Центар.

Проблем со вода од извори на Водно над Клиника / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

И додека институциите „креваат рамена“ и си ги префрлаат едни на други ингеренциите, две семејства секојдневно стравуваат за своите домови и очекуваат помош. Самите тие ниту можат ниту смеат да преземат нешто затоа што изворите се на земјиште во државна сопственост.

Ѕидовите на куќите се ронат, условите за живот во нив стануваат сѐ потешки. Ќе се најде ли некоја институција што ќе најде решение за проблемот со кој се соочуваат овие граѓани?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот