
Израел го менува текстот на песната за да може да учествува на Евровизија
Израел ќе го промени текстот на својата предложена песна на Евровизија за да го отстрани секој политички елемент и да го гарантира своето учество, објави во неделата Израелската радиодифузна корпорација (КАН).
Препорачано
Откако првично се закани дека ќе се повлече од конкурсот доколку израелската песна не биде прифатена каква што е, КАН на крајот објави дека се согласуваат со мислењето на израелскиот претседател Исак Херцог кој „ги предложи потребните прилагодувања“ .
„КАН контактираше со текстописците на двете избрани песни, „Октомвриски дожд“ (October Rain), која беше избрана прва и „Танцувај засекогаш“ (Dance Forever), која беше втора, барајќи од нив да ги приспособат стиховите со задржување на уметничката слобода“, соопштуваат од корпорацијата.
„Октомвриски дожд“ не го споменува експлицитно крвавиот напад што Хамас го изврши на југот на Израел на 7 октомври, но според израелските медиуми и независните набљудувачи, текстот на песната не остава простор за сомнеж.
„Танцуваме во бура/Немаме што да криеме/Однеси ме дома/Остави го светот зад себе/И ветувам дека никогаш повеќе нема да се повтори/Уште сум влажен од овој октомвриски дожд“, е текстот на песната.
По добивањето на изменетиот текст, јавниот радиодифузер ќе „избере песна што ќе ја испрати“ до организаторите „за да можат да го одобрат учеството на Израел на натпреварот“, додаде КАН. До 10 март ќе се знае која песна е избрана.
Израелско-руската пејачка Еден Голан (20) треба да го претставува Израел на овогодинешниот натпревар кој ќе се одржи во мај во Малме, Шведска. Неколку земји ги повикаа организаторите да му забранат на Израел да учествува на Изборот за песна на Евровизија во знак на протест против огромните жртви во војната во Појасот Газа.
Израел е првата неевропска земја на која ѝ е дозволено да учествува на Изборот за песна на Евровизија во 1973 година. Израелците победија четири пати.