Фото: Profimedia

Изненадувачко откритие: И глувците им даваат прва помош „уста на уста“ на своите другари во неволја

Иако „првата помош“ кај глодарите изгледа поагресивно во споредба со човечката верзија на оваа практика – вклучува повеќе гризења – неврологот Венџијан Сан од Универзитетот во Јужна Калифорнија и неговите колеги откриле дека техниката што ја користат глувците, која подразбира „влечење“ на јазикот, всушност ги проширува нивните дишни патишта, овозможувајќи му на глодарот-пациент побрзо да се опорави, пишува „Саенс алерт“.

Неодамнешна студија, исто така, идентификувала неуронска врска што го поврзува повлекувањето на јазикот со брзото реагирање и будењето кај глувци под анестезија.

Слично спасувачко однесување претходно било документирано кај цицачи со поголем мозок, како што се делфините и слоновите, но никогаш не било проучувано кај глодари или кај помали цицачи.

Истражувачите велат дека не можат со сигурност да тврдат дали глувците свесно и намерно реагираат за да им помогнат на припадниците на својот вид кои се во неволја.

„Сепак, доказите што ги собравме, а кои покажуваат дека глувците се обидуваат да помогнат и пет дена по ред, сугерираат дека овој вид реанимација не е само несакан ефект на нивната љубопитност“, вели Сан.

Истражувачите откриле дека глувците почесто се обидуваат да реанимираат други глувци што ги познаваат, отколку оние со кои претходно немале контакт.

„Оваа пристрасност кон познатите единки нè наведува на заклучок дека животното не реагира само рефлексно на стимулите што ги гледа“, изјавил невронаучникот Џејмс Буркет од Универзитетот во Толедо, кој не учествувал во истражувањето.

„Глувците всушност ја проценуваат целата ситуација и идентитетот на животното пред да одлучат како да реагираат“, додал Буркет.

Во серија експерименти, Сан и неговиот тим ги анализирале однесувањата на глувците во кафези со други, мртви, онесвестени или неподвижни глувци – некои од нив биле познати на потенцијалниот „глувец-спасител“, а други биле потполни странци.

Во 50 отсто од случаите, здравиот глушец започнувал со методот на оживување, што вклучувал извлекување на јазикот на глувците на кои им била потребна помош. Оваа интервенција давала резултати – погодените глувци брзо закрепнувале и повторно почнувале да се движат.

„Тие прво ги душкаат другите глувци, а потоа започнуваат со многу интензивна физичка интеракција со јазикот“, објаснил физиологот Ли Ѓанг од Универзитетот во Јужна Калифорнија.

Во 80 отсто од случаите, глувецот-спасител успевал да го отстрани предметот што научниците го ставиле во устата на глушец под анестезија. Тие исто така се обидувале да реанимираат мртви глувци, но не и оние што само спиеле.

Во друга студија, истражувачи од Универзитетот во Калифорнија – Лос Анџелес откриле дека кога глувците се во близина на припадник на својот вид кој не покажува знаци на живот, кај нив се активира силна реакција во одреден дел од мозокот.

Од друга страна, тимот на Сан забележал дека глувците започнуваат со реанимација кога ќе почувствуваат стрес, што укажува на тоа дека постојат различни механизми на „прва помош“.

Истражувањето покажало дека зголемувањето на нивото на окситоцин – хормонот поврзан со социјалното поврзување – е клучен фактор во ова однесување. Окситоцинот е поврзан со различен дел од мозокот во споредба со регионот што се активирал кај глувците анализирани во другите експерименти.

Сепак, познато е дека и двата региони на мозокот играат улога во регулирањето на однесувањата поврзани со грижата и сочувството.

„Нашите наоди придонесуваат за доказите дека многу видови имаат вроден импулс да им помогнат на другите во состојба на екстремна неволја“, заклучуваат невролозите Вилијам Ширан и Зои Доналдсон во својот коментар за студијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот