дискотека, ноќен клуб / Фото: Freepik

Измени на Законот за угостителска дејност – за несовесните кафеанџии можна и кривична одговорност?

Откако ќе се добие мислење од институциите, ќе се инкорпорираат нивните издржани предлози во текстот и на крај ќе се врши усогласувањето со Секретаријатот за законодавство, по што јавноста навремено и транспарентно ќе биде информирана, велат од Владата

Министерството за економија и труд ја заврши задачата и измените на Законот за угостителска дејност се готови и сега е на ред Владата да го докомплетира ако има потреба. Овие измени беа експресно наложени по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани и ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Односно, Пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како придружен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат. Од Владата за „Слободен печат“, информираа дека законските измени се разгледуваат во матичните комисии.

– Ве информираме дека предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителската дејност е во владина процедура што подразбира негово разгледување на матични комисии и добивање мислење од сите институции. Откако ќе се добие мислење од институциите, ќе се инкорпорираат нивните издржани предлози во текстот и на крај ќе се врши усогласувањето со Секретаријатот за законодавство по што јавноста навремено и транспарентно ќе биде информирана – ни одговорија од Владата.

Новиот закон за угостителска дејност, го најавија и од ДПИ, со предупредување дека во него се предвидени задолжителни одредби за контрола и кривична одговорност доколку некој несовесно врши угостителска дејност.

– Казните ќе бидат поригорозни и ќе биде предвидена кривична одговорност за сопствениците на угостителски објекти доколку прекршат одредби од законот.

Угостителскиот сектор може и мора да биде пример за легален, одговорен и конкурентен бизнис – рече директорот на ДПИ.

Во првите изјави по стравотниот пожар во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски рече дека пропустот за контролирањето дали одредена дискотека или кабаре ги исполнува условите бил направен со измените во Законот во 2007 година, според кои правното лице самото можело да тврди дека ги исполнува условите и потоа нема проверки од страна на Инспекторатот, односно да се постапува по пријава. Соопшти дека и други органи во рамките на своите институции формирале комисии за да се проверат сите лиценци во државата.

– Во 2007 година е сменет законот, во тие измени документите што ги доставува правното лице подносител на барање за лиценца, тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс пофицио не се проверени тие документи, така што овој објект од 500 квадрати не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца за кабаре. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките надоместокот што треба да се плати е поголем во однос на тие што се лиценцираат како кабаре. Се истражува и бидете сигурни дека ниту еден објект што не ги исполнува како што стои според Законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира со сиот ризик и критика што ќе ги трпи Владата – изјави тогаш премиерот Мицкоски.

Инаку, последниот Регистар на издадени и одбиени лиценци за кабареа, ноќни барови, дискотеки на Министерството за економија и труд е од 30 април годинава и таму на број се 214 вакви објекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот