СП. архива

Измамниците со брзи кредити по итна постапка ќе бидат изведени пред судија, најави Тошковски

Осомничените организатори во случајот со измамата со брзите кредити по итна постапка до крајот на денот ќе бидат изведени пред суд, изјави попладнево министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во гостување на телевизија „Алфа“, Тошковски рече дека се работи за широка лепеза на помагачи кои биле вклучени во измамата со брзите кредити. Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека е поведена постапка против 43 лица кои со различни дејствија на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со „брзи кредити“.

За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.

Дел од осомничените, без согласност на граѓаните, користеле лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства. Ваквите лажни податоци тие ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што им направиле на измамените вкупна штета од околу 50.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот