Археолошки музеј во Франкфурт

Изложбата „Темната страна на римската историја“ е претставена во Франкфурт

Во Археолошкиот музеј во Франкфурт отворена е изложбата „Темната страна на римската историја“ како резултат на соработката меѓу Музејот на град Скопје и Германскиот археолошки институт, кои неодамна потпишаа меморандум за соработка. Изложбата ќе биде поставена до јуни следната година.

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, Марија Станчевска-Ѓоргова, во своето обраќање посочила дека оваа изложба ни овозможува да ги истражиме термините, но и фасцинантните аспекти од животот во римската провинција, преку археолошките откритија од античкиот град Скупи, кој денес е значаен дел од културното наследство на нашата земја.

– Масовната гробница, централната тема на изложбата, носи приказни за историјата, за социјалните односи и за обичаите на едно минато време кое и денес остава траги врз нашето разбирање на светот. Пронајдените артефакти се неми сведоци на минатото, кои ни поставуваат прашања за разбирање на животот, општествените структури и обичаите на оние што живееле пред нас – истакнала Ѓоргова.

Артефактите, дополнила Ѓоргова, ни даваат увид и во нивните верувања, уметнички изрази и врските што ги граделе со светот околу себе, но и за тоа како се преплетуваат со пошироките текови на Римската Империја.

Таа посочила дека изложбата е мост што ја поврзува нашата историја со сегашноста, овозможувајќи ни да се потсетиме на важноста на културното наследство и неговото зачувување за идните генерации.

Директорот на Музејот на град Скопје, Панче Велков, во своето обраќање кажал дека отворањето на изложбата во центарот на Европа е значаен настан, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката со Германија во овој домен.

Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид, посочил оти се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.

Изложбата „Темната страна на римската историја“ беше подготвена од покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот Скупи. Изложбата премиерно беше прикажана во Музејот на град Скопје во 2017 година, потоа во Подгорица во Црна Гора, во Требиње во Босна и Херцеговина, како и во Белград, Србија.

Претходно, на 26 ноември, шестмина специјалисти предводени од заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, го посетија Скопје, каде што беше потпишан и меморандум за соработка кој претставува прв чекор во воспоставување на соработката на државно ниво меѓу Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот