
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ го завршува своето патување во Северна Америка
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ („First Kings of Europe“), што од 2022 до 2025 година беше на турнеја низ Северна Америка, е во финалната фаза. Во изложбата за првпат беа изложени македонски археолошки предмети во Северна Америка, а кои претставија врвни уметнички достигнувања во доменот на социјалните и религиските форми, карактеристични за разни етапи на предисторијата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е резултат на иницијативата на Филдовиот музеј од Чикаго и соработката со Завод и музеј – Битола, Музеј Гевгелија и Завод и музеј – Прилеп. Национален координатор на изложбата е д-р Гоце Наумов, при што направена е селекција на повеќе предмети од неолитот, енеолитот и железното време, пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци.
Овие предмети, заедно со уште стотици други артефакти од 23 балкански музеи, го прикажаа постепениот општествен развој на предисториските заедници, кои од егалитарните племенски организации во неолитот постепено се трансформираат во првите европски кралства во железното време на Балканот.
Филдовиот музеј од Чикаго ја организираше изложбата „Првите кралеви на Европа“ во форма на турнеја која ги претстави македонските и балканските археолошки предмети во неколку музеи во Њујорк, Чикаго и Гатино-Отава, и тоа во периодот од 2022 до 2024 година. Оваа досега најголема изложба на балканската предисторија во светот ја видоа околу 400.000 посетители и им овозможи на многумина да се запознаат со некои од најрепрезентативните артефакти од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време на Балканот.
Изложбената турнеја започна во 2022 година во Институтот за древни студии во Њујорк, а потоа продолжи во Филдовиот музеј во Чикаго (во 2023 година) и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава (2024 година). Изложбата е пропратена со извонреден зборник и каталог, публикувани од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт Котсен при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.
Со цел да се истакне овој значаен настан за македонското културно наследство, во Завод и музеј – Битола поставена е мала изложба со предметите кои беа претставени на „Првите кралеви на Европа“. Оваа изложба игра битна улога не само во меѓународната промоција на македонското културно наследство, туку и го зголемува интересот на светската јавност за Македонија и нејзината (пред)историја. Таа воедно ги истакнува и добрите дипломатски односи на Македонија со САД и Канада и ја потврдува одличната соработка меѓу македонските, американските и канадските институции, истакна д-р Гоце Наумов, национален координатор на изложбата „Првите кралеви на Европа“.