Добитниците на наградите со амбасадорот Дејвид Гир и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска

Изложбата на „Јуроп хаус Скопје“ понуди визија за поинклузивно, поразвиено и поодржливо Скопје

На 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, „Јуроп хаус Скопје“ го одбележа својот 4-ти роденден во просториите на напуштената Шалтер-сала во објектот на главната Пошта во Скопје.

Шалтер-салата на монументалниот објект на главната Пошта на 13 ноември беше претворена во место за изложба на дела на млади архитекти пријавени на конкурсот „Скопје на новата генерација“. „Јуроп хаус“ го објави конкурсот во знак на сеќавање на 60-годишнината од земјотресот во Скопје.

Настанот го отворија амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Конкурсот „Скопје на новата генерација“ беше објавен со цел да се потсети на културното наследство што треба да се заштити и негува. Но, и да ги повика младите да погледнат во иднината и да ја претстават својата визија за поинклузивно, поразвиено и поодржливо Скопје.

„Поштата“ во Скопје беше избрана како место за прикажување на овие визии, бидејќи претставува значајно национално наследство што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје.

Шалтер-салата на монументалниот објект на главната Пошта во Скопје

Во 2021 година, програмата „Европа Ностра“ ја вброи главната Пошта во Скопје меѓу седумте најзагрозени локалитети на културно наследство во Европа. На 26 јули 2023 година, „Европа Ностра“ и Институтот на Европската инвестициска банка го објавија својот извештај за Пошта, повикувајќи на итна рехабилитација на оваа историска зграда. Денес, главната Пошта, сè уште, нема покрив и постои зголемен ризик од неупотреба и пропаѓање.

– Изборот да се стави во центар на внимание Поштата, која со својата единствена форма и стил стои како симбол на сила и издржливост, е повик на нејзино повторно раѓање. И го слушаме нејзиниот глас. Водиме процес во кој очекуваме одговорност и поголема активност од сите – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Амбасадорот Гир го отвори настанот со цитат од францускиот егзистенцијалистички романсиер и активист Жан Пол Сартр, кој по земјотресот во Скопје во 1963 година изјавил: „Скопје не е филм, не е трилер каде што го погодуваме главниот настан. Тоа е концентрација на човековата борба за слобода, со резултат што инспирира понатамошни борби и без прифаќање на поразот“.

Користејќи ги зборовите на Сартр за поставката во Шалтер-салата, тој ја подвлече важноста да не се прифати поразот и ги претстави победниците на Конкурсот и нивните исклучителни вештини за обликување на урбаната иднина на Скопје.

Првото место на конкурсот го освои проектот „Лотус за неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје“ на Антонио Грујевски; второрангиран е проектот „Reimagining Colorwaves“, што го оживува кејот „Димитар Влахов“ на реката Вардар, на Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова; додека третото место е за „SpineX“, проект за реновирање на улицата „Пластичарска“, на Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска.

Дебата во „Јуроп хаус Скопје“

Во просториите на „Јуроп хаус Скопје“ на 16 ноември се одржа и дебата насловена „Скопје на новата генерација: реобмислување на старите јадра и нивна поинаква намена во иднината“, на која учествуваа амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка; проф. д-р Никос Чаусидис, историчар на уметност; Филип Јовановски од фестивалот „Акто“, архитект и визуелен уметник; и Антонио Грујовски, архитект и победник на конкурсот „Скопје на новата генерација“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 205, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот