Дизајнот на плакатот за изложбата е на Лазе Трипков

Изложбата на цртежи „Летаргија“ на Ангел Коруновски ќе биде отворена во Музејот на град Скопје

Во големиот салон на Музеј на град Скопје на 9 октомври, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на цртежи со наслов „Летаргија“ од Ангел Коруновски. Промотори на изложба се Сашо Димоски и Јасмина Намичева, а истата ќе може да се посети до 23 октомври.

Зародиш на концептот на изложбата е глобализацијата, пласирањето на лажни информации и вредности, како и потценувањето на луѓето и нивните способности.

– Осознавањето преку брза информација без потковување на знаењето кое изискува време и истражување претставува глобален проблем во целото општество кое се движи во погрешен правец, комплетна капитализација и вреднување на материјални добра како основен идентитетски печат кај единките.

Живееме во време на брзи вистини, подадени и наложени вредности, нема индивидуалност, луѓе слични кои функционираат како бинарен број кој е зададен да создаде една наметнато поставена слика. Делата на изложбата се сурови, искрени и голи како нужна потреба на отсликувањето на општеството, впрочем, нели културата е образ, огледало на времето и општеството во кое живееме? – загатнуваат промоторите на изложбата.

Цртежите се работени во комбинирана техника каде тушот и перото се појдовна точка, додека алатките, како Procreate & Photoshop, прават кулминација во создавањето на една монументална творба во дигитален формат.

– Се надевам дека публиката ќе ужива во едно негување на класичниот начин на творење преку фундаментот на ликовниот начин на изразување – Цртежот репрезентиран во нов начин на презентација како дигитална монументална уметност – истакнува авторот Ангел Коруновски.

Дизајнот на плакатот за изложбата е на Лазе Трипков. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, Музејот на град Скопје, винаријата „Тристо“ и Општина Велес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот