Изложбата ќе биде отворена на 26 јули, во 20 часот, во Музејот на град Скопје

Изложба во Музејот на град Скопје ќе остави траен запис за скопскиот земјотрес

Во чест и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, што пред 62 години го остави Скопје во урнатини, во Музејот на Град Скопје на 26 јули, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“, чија поставка ќе биде од траен карактер.

Подготовката и организацијата на изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“ е на Станимир Неделковски и Валентина Петровска. Текстот за каталогот со наслов „Растурената сложувалка на Скопје“ го напиша Зоја Богдановска.

– Скопје е град на еден прекрасен мозаик составен од безброј слики испреплетени многу векови наназад. Стар град, антички, средновековен, нововековен. Град на една разновидна и необична сложувалка со егзотична чаршија, со стари мирни маала со мирисливи градини, со зелени паркови, со една убава река и со еден рид со тврдина. Преку реката, сложувалката е поинаква, со палати, хотели, училишта, кафеани, со нови маала со станбени повеќекатници, со една висока планина.

Во 1963-тата година, Скопје живеело уште едно топло лето. Градот, полуиспразнет, го живеел својот спокоен живот. Утрата ги живеел на скопските плажи покрај дремливиот Вардар. Спарните пладниња, пак, под сенките на дрвјата и на лозите во мирисливите дворови на старите куќи, а топлите вечери ги живеел во Градскиот парк и на отворените тераси на скопските хотели и кафеани.

Тоа лето, за првпат Скопје не жалело за скопјаните кои беа заминати на годишен одмор. Не жалело ниту за децата заминати во детските летувалишта. Тоа топло 26 јулско утро, градот жалел за оние кои останале во него.

Страшен татнеж од утробата на земјата, само за миг го разбудил сонливиот град, а потоа настапила траорна тишина. И никогаш повеќе не било исто.

Во еден миг, градот станал град на улици без име, на куќи без број, на влезни врати без таблички со имињата на нивните сопственици. Станал урнатина – растурен мозаик кој го чекал вештиот мозаичар да го состави, со надеж дека повторно ќе никне градот.

Сложувалката на Скопје била растурена како древен мозаик низ кој поминале бројни освојувачи, а секој од нив зел по едно камче од мозаикот. Овој пат, врз сложувалката на градот поминал еден стравотен миг и една разорна природна стихија – земјотрес.

Бројни се фотографиите со чудесно испреплетени урнатини. Хаотична сложувалка разбирлива само за оние кои добро го познавале градот и кои умееле да ги чујат приказните кои немо довикувале од хаосот. Врз една урнатина се гледа застанатиот часовник заплеткан во бетон и арматура, часовник кој не се разбудил тоа утро. Последното време што го забележал е 5 часот и 17 минути. И останал засекогаш заспан, но не за да го забележи запреното време, туку како часовник кој носталгично запрел за да се запамети времето изминато до тој миг.

Понатаму, се гледа плоштадот каде сè уште се слушаат шепотењата од вчерашното корзо, кога двајца млади, за прв и последен пат, прошетале сè до реката Вардар и си ветиле дека следната вечер пак ќе се сретнат таму, на истото место.

Околу плоштадот, пак, како сеништа се издигаат остатоците од довчерашните грандиозни згради на Офицерскиот дом и на Народната банка, кои како колосални фараонски статуи долги години го чувале влезот кон Камениот мост. Од свечената сала на Офицерскиот дом виси раскошниот лустер, а оттаму, сè уште доаѓаат пријатните звуци од последниот концерт на Шпато. Спроти Офицерскиот дом стои Народната банка, навидум иста како и вчера. Но сега, однатре е празна, а однадвор е тело без врати и прозорци. А во неа, ден претходно, некој полн со надежи, отворил штедна книшка со скромен влог.

На средината на овој несекојдневен круг од руини, стои скршеното тело на хотелот „Македонија“. На отворената хотелска тераса, до доцна во ноќта, само неколку часа пред катастрофата, новинарот Јован Поповски, со своите блиски пријатели, ја поминал последната вечер во градот за кој подоцна, со своето новинарско и прозаично перо, ќе ја создаде првата напишана монографија за Скопје. Во неа, на неколку страници обоени во црно, ќе го смести утрото кое дошло по таа ноќ.

Покрај кејот на Вардар се истуриле остатоците од Пошта I, а понатаму, во близина на Железничката станица, остатоците од Пошта II. Тоа утро поштарите не ги однеле писмата. Тоа утро, скопските улици останале без адреса.

Разорната моќ од ударот на земјотресот, највпечатливо се одразила на Калето, каде до темел се урнати објектите на Историскиот и на Археолошкиот музеј на Македонија. Под урнатините останале артефактите од бројни цивилизации кои оставија печат на овој простор.

Пролетта 1963-тата година, ја испрати последната генерација матурантки од Женската гимназија. Есента, истата година, тие требале да седнат со матурантите од Машката гимназија, за првпат заедно во универзитетските клупи. Но, разорното утро, ги уништи засекогаш прекрасните згради на двете гимназии, како и убавата современа зграда на скопскиот универзитет.

Училишните ѕвончиња на маалските основни училишта тоа јулско утро останаа под урнатините. Никогаш повеќе нема да заѕвонат и да ги пречекаат учениците на првиот училиштен ден. А и така ќе немаа кого да повикаат на час. Утрото по земјотресот, над 30.000 деца се евакуирани од градот. Скопје остана без своите деца. И уште многу, многу парчиња од растурената сложувалка, се наѕираат на фотографиите во урнатини.

На крајот на оваа необична прошетка низ урнатините на Скопје, патувањето го завршуваме на Железничката станица. Некои од патниците кои рано дошле на пероните и тоа утро требало да го напуштат градот, и оние кои утрото пристигнале во него, никогаш не заминале од овој град.

Зачуваното парче од сложувалката на оваа, за многумина, најубава железничка станица на Балканот во тоа време, остана како спомен за иднината. Од зачуваното парче од предземјотресниот мозаик на градот и од сложувалката на светската солидарност, никна Ново Скопје – напиша Зоја Богдановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот