лабораторија
Лабораторија / Фото: Pexels

Издава ли ЦЈЗ Куманово без знаење на пациентите, незаконски и невалидни резултати од лабораторија, без вработен микробиолог?

Државниот здравствен и санитарен инспекторат му забранил на Центарот за јавно здравје Куманово да пружа здравствени услуги во микробиолошката лабораторија затоа што нема вработен доктор микробиолог, туку тројца специјализанти, спротивно на законот, потврдија од ДСЗИ за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ втор ден се обидува да стапи во контакт со директорот на ЦЈЗ Куманово, доктор Ариф Латифи со прашања дали оваа лабораторија функционира, дали се издаваат резултати од микробиолошката лабораторија, со прашања дали тие се валидни доколку се издаваат, како оваа лабораторија која опслужува голем број на пациенти функционира без носител на дејноста, меѓутоа директорот, доктор Латифи одбегнува да одговори на овие прашања и покрај нашите инсистирања. Според наши неофицијални информации, дел од резултатите се издаваат без да има доктор специјалист по микробиологија, но до овој момент немаме обезбедено писмен издаден извештај, кој тоа експлицитно ќе го потврди.

Целиот проблем настанал затоа што двајца врвни микробиолози со децениски стаж, кои што до оваа година работеле и ги прегледувале резултатите во микробиолошката лабораторија во ЦЈЗ Куманово, отишле во пензија. Едниот од нив побарал да му биде продолжен работниот однос иако е во пензија и добил одобрение од Министерството за здравство за тоа, меѓутоа во меѓувреме работниот однос му прекинал и враќањето на работа не се случило веднаш. Тоа што здравствената инспекција го констатирала на терен, кога излегле да видат како работи оваа државна лабораторија во Куманово било незаконско функционирање. 

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Центар за јавно здравје Куманово на 16 август 2023,  при што е констатирано дека во моментот на надзор во микробиолошката лабораторија се вработени тројца доктори на медицина кои се на специјализација по микробиологија и паразитологија. На лекарот специјалист микробиолог по сила на закон заради остварување на пензија на 30 јуни му завршил работниот однос. Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат е издадено решение со кое се наредува установата да не врши микробиолошка лабораториска дејност додека не се обезбеди одговорен носител на дејност“, велат од Инспекторатот за „Слободен печат“.

Оттаму, како што посочуваат, го информирале Министерството за здравство дека лабораторијата работи без доктори специјалисти по микробиологија какви што би морале да имаат вработено. ДСЗИ не проверил уште дали лабораторијата работи во овој момент по нивната издадена забрана.

Овие анализи се специфични и опфаќаат огромен број на пациенти. Некои од тие пациенти се обврзани со рокови за операции, процедури за инвитро, прават различни испитувања а од точноста на резултатите им зависи здравствената состојба и идните медицински интервенции. Од директорот на ЦЈЗ Куманово доктор Ариф Латифи баравме појаснување дали лабораторијата работи, дали се издаваат резултатите и ако се издаваат чиј потпис и печат се користи со оглед на тоа што двајцата пензионирани лекари микробиолози имаат само консултантски договори според кои тие не се носители на дејност и немаат законско право да ги потпишуваат извештаите од извршените лабораториски испитувања. 

„Консултантот не смее да потпишува извештаи. Неговиот ангажман, како што и самото име кажува, е само како консултант на лице кое е здравствен работник во редовен работен однос и е носител на дејност“, децидни се од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Затоа всушност и инспекторатот издал решение со кое на Центарот за јавно здравје Куманово му е наредено да не пружа здравствени услуги во микробиолошката лабораторија се додека не обезбеди носител на дејност.

„Слободен печат“ стапи во контакт со двајца професори од Медицинскиот факултет во Скопје, кои што се микробиолози. Едниот од нив, под услови на анонимност ни изјави:

„Никој не смее да потпишува извештаи ако не е специјалист по медицинска микробиологија, задолжително да има лиценца од Лекарската комора, а за ЈЗУ и ПЗУ што работат со Фондот за здравство мора да има и бројче издадено од Фондот за здравство. Се друго е невалиден резултат. Десно се потпишува кој изработил, лево може шеф на лабораторија или директор. ФЗО таквите резултати без потпис на микробиолог не смее да ги признае и не смее да ги плати“.

Професори по микробиологија велат дека оваа струка е дефицитарна и дека се малку ценети во целата држава иако без нив не може да се изведе ниедна интервенција, детекција на болест или трансплантација. Секогаш микробиолозите се изложени на патогени, платите им се незавидни, па затоа и интересот кај младите доктори да специјализираат микробиологија е низок. Така, катастрофално е што јавните здравствени институции не планирале навремено уште пред 10 години, дека ќе останат без специјалисти по микробиологија, па сега се доведуваат во позиција микробиолозите да се пензионираат, а лабораториите да работат надвор од законот и да издаваат потенцијално невалидни резултати. За ваквиот проблем во Центарот за јавно здравје Куманово, јавноста не беше информирана ниту од ДСЗИ ниту од Центарот, иако пружаат лабораториски услуги што го опслужуваат не само Куманово, туку и Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот