Избрани зетот и невестата за Галичката свадба

Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска се избрани за зет и невеста за овогодинешната Галичка свадба.

Јован, потомок на галичкото семејство Филипоски, уште како дете чекорел низ славното село облечен во носија, сонувајќи еден ден да ја предводи свадбата. Од најрана возраст активно учествува во сите обичаи. Неговата избраничка, Лилјана, веќе ја почувствувала магијата на Галичката свадба во 2022 година и ова лето ќе заигра во улогата на невеста – со срце полно љубов и почит кон традицијата, велат организаторите.

Зетот и Невестата – Симбол на Љубовта и Традицијата

Во срцето на Галичник, под сенката на Бистра, секое лето љубовта добива посебна форма. Зетот и невестата не се само млад пар – тие се симболот на вековната традиција, на непрекинатото предание што низ генерации се пренесува со чест и гордост.

Тие чекорат низ Галичник не само како двајца вљубени, туку како чувари на обичајот. Секое движење, секој поглед, секоја песна – сè е длабоко вкоренето во духот на Галичник.

Манукот ја носи гордоста на предците, додека мануката со раскошната носија ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини – достоинствени, вредни, горди и полни со љубов. Заедно, тие не се само пар – тие се огледало на Галичник.

Во нивниот поглед се препознаваат љубовта и ветувањето дека традицијата ќе продолжи. И токму затоа, секој што ќе ги види, не гледа само свадба – туку гледа историја што живее.

Да се ќердосает, од небо да им врне од земја да им никне!

Аирлија Галичка Свадба 2025!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот