Судски совет / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Изборите ќе ги одложат итните реформи на Судскиот совет

За да се спроведат сите препораки од Оценската мисија на ЕУ, ќе бидат потребни уставни измени, но со оглед на претстојните парламентарни и претседателски избори напролет, тешко е дека во скоро време може да се очекува отворање на Уставот, вели за „Слободен печат“ Владо Камбовски, раководител на работна група за реформа на судскиот систем.

Власта треба итно да се зафати со исполнување на препораките од Оценската мисија на ЕУ за состојбите во Судскиот совет, но претседателските избори догодина во април и парламентарните во мај не ѝ оставаат доволно простор за таков зафат. Со оглед дека техничката влада ќе почне да функционира од февруари, предизборната кампања ќе почне во март, а новата политичка влада не може да се очекува пред јули, итноста на реформата и „потребата од револуција“ засега остана само во најавите и во желбите на евроамбасадорот Дејвид Гир.

Минатата седмица Гир порача дека Оценската мисија на тројцата експерти од ЕУ дала вкупно 40 препораки што да се смени во функционирањето на Судскиот совет, од кои 17 се во доменот на самото тело, а за останатите 23 се потребни интервенции во Уставот и во законите што ја регулираат таа материја. Но, краткиот период до крајот на мандатот на оваа влада не остава простор за уставни, ниту за законски измени, а и во Министерството за правда не очекуваат дека таа реформа ќе почне скоро, токму поради претстојните избори.

Министерството за правда неодамна формира работна група за реформа на Судскиот систем, која, меѓу другото, треба да ги спроведе забелешките на Оценската мисија на ЕУ, како и да ги реши претходно утврдените пропусти и да ги пополни законските „дупки“ што создаваат проблеми во функционирањето на Советот. Академик Владо Камбовски, кој претседава со работната група, вели дека тие почнале да работат, а Извештајот на Оценската мисија ќе почнат да го разгледуваат од утре.

– Првиот состанок беше конститутивен, а на вториот почнавме со начелна расправа за оние делови за кои се потребни уставни измени, како што е изборот на членовите на Судскиот совет, утврдувањето на нивната одговорност итн. Разговаравме и за условите за избор и унапредување на судиите и др. Но, содржината на Извештајот ќе ни наметне друга динамика на нашата работа, за да ги имплементираме и тие препораки. Ќе бидат потребни уставни измени, но со оглед на претстојните парламентарни и претседателски избори напролет, тешко е дека во скоро време може да се очекува отворање на Уставот – вели Камбовски за „Слободен печат“.

 

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, најави дека оваа недела ќе свика итна јавна седница за да дискутираат за извештајот на мисијата, но таа не е закажана. Од Советот велат дека наместо на итна седница, извештајот ќе се разгледува на колегиум.

Георгиевски минатата седмица не откри детали од извештајот, туку соопшти дека се дадени препораки кои треба да се исполнат во краток, среден и некој подолг временски период и дека некои детектирани состојби треба да се исправат со законски измени. Во врска со лошите оценки за Судскиот совет, Георгиевски рече дека и во извештајот на ЕУ е нотирано дека станува збор стари проблеми што се таложеле со години, со кои сега се соочуваат и ќе се обидат да ги решат.

Истата оценка за старите проблеми ја даде и амбасадорот Гир кога го презентираше извештајот, кој потенцираше дека за дел од решенијата ќе биде потребна политичка волја за имплементација. Од 17-те препораки што може да ги спроведе самиот Судски совет, седум се за транспарентноста, а десет за изборот и за унапредувањето на судии. За нив Гир рече дека би било револуција ако Судскиот совет ги имплементира во следните неколку месеци. Тие се поделени во шест сегменти и тоа: структурата и компетентноста на Судскиот совет; мандатот на членовите; процесот на селекција и назначување на членови на Советот; дисциплинските постапки; транспарентноста и комуникацијата со јавноста; ресурсите и финансирањето на Советот. Останатите мерки за кои се потребни уставни и законски измени се дефинициите за тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, кој сега е предвиден на шест години, рамка за начинот и постапката за разрешување на претседателот на Советот итн.

Гир рече дека очекуваат овие препораки да бидат вклучени во сите политики поврзани со работата на Судскиот совет и судските реформи, вклучително и во Стратегијата за судски реформи 2023-2027 година, односно, како што рече, „ЕУ очекува ова да биде главен приоритет на сите идни реформи, бидејќи во суштина, ова е во основата на владеењето на правото и интегритетот на судството“.

Потребата од реформа се наметна по серијата скандали што го потресоа Судскиот совет оваа и минатата година, меѓу кои и промена на две претседателки во рок од пет месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот