
Ивановска: Сопствениците на скопските клубови имаат силно влијание врз луѓето кои ја издаваат потребната документација
Поранешната претседателка на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, вечерва во емисијата „Бизнис21“ на ТВ „21“ истакна дека во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) добиле пријава за неправилности на неколку локали низ Скопје и и во постапката утврдиле дека имало клубови кои работеле иако за истите инспекторите утврдиле дека не ги исполнуваат условите. Поради висок ризик од влијание на газдите врз работењето на службени лица од ДКСК побарале преиспитување на работењето на инспекторите од Инспекцискиот совет и од директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Препорачано
„Добивме пријава од анонимен пријавител дека постојат одредени неправилности во работењето на повеќе скопски познати клубови. Во насока на прибавување на потребна документација се обративме до МВР бидејќи самиот пријавител кажа дека пријавувал и во МВР, но и во другите инспекциски служби. Побаравме од Пазарна инспекција да не извести и побаравме од Министерството за економија исто да не извести. МВР не ни ги достави бараните податоци, рече дека не вршеле контроли во последниот месец од 22, иако ние баравме за цела 2022 колку контроли се направени. Од економија добивме чуден одговор велат во нашето министерство нема регистрирано барање од тој и тој клуб, значи нема ни регистрирано барање, но клубот работи“, вели Ивановска.
Како што додава, инспекторите имале контроли на терен и даваа решенија за ограничување на работата.
„Видовме дека и тоа што го кажувале инспекторите не било испочитувано до крај, не бевме уверени целосно во нивната работа, па така документацијата и нашите наоди ги дадовме до Инспекцискиот совет и до директорот на Пазарната инспекција, меѓутоа од сето тоа, како заклучок, можевме да извлечеме дека всушност станува збор за силни влијанија кои што ги имаат сопствениците на овие познати клубови со лицата кои ја даваат потребната документација во институциите. Влијанието беше очигледно и големо“, вели Ивановска.