Фото: МИА

Истрагата за кумановскиот суд ќе ја води скопско обвинителство, увидот заврши

Предметот за опожарувањето на подрумските простории на кумановскиот суд ќе го работи Основното јавно обвинителство од Скопје. Претпладнево почна увидот кој го спроведува обвинител од Скопје како и увидна екипа од СВР Куманово, заедно со кримтехника од Скопје, вешто лице електроинженер и инспектор за пожари. На увидот присуствуваа и шефицата од кумановското обвинителство Теута Бедиу Рамадани, како и дежурен обвинител од ОЈО Куманово. Рамадани објасни дека истрагата ќе ја води ОЈО Скопје затоа што во објектот на кумановскиот суд е сместено и кумановското обвинителство.

– Сега заврши увидот, го водеше обвинителка од јавно обвинителство Скопје, за да нема судир на интереси, затоа што и ние сме сместени во зградата на судот. Како што ми пренесе обвинителката од Скопје, сите експерти биле на увид. Од безбедносен аспект увидот беше направен како што треба, од кривично-правен аспект се дадени сите потребни наредби од вештите лица. Беа и хемичари, електроинженери и вешти лица експерти за пожари. Така што сигурно откако ќе се направат вештачењата ќе се утврди точната причина за пожарот и ќе излеземе со официјално соопштение од републичкото обвинителство – изјави шефицата на кумановското обвинителство Бедиу Рамадани.

Кумановското обвинителство е сместено во истата зграда со судот и со државното правобранителство. Со пожарот, кој настана во ноќта во понеделникот кон вторникот беа зафатени само подрумските простории.

– Бидејќи со пожарот не е опфатена нашата институција, ќе побараме уште утре, доколку може да се вклучи електричната енергија и тогаш да почнеме со средување и функционирање – кажа Бедиу Рамадани.

И од кумановскиот суд потврдија дека заврши увидот. Претседателката Снежана Манев рече дека добиле насоки од обвинителството за понатамошно функционирање на судот.

– Обвинителството ни укажа дека можеме да преземаме мерки за санација од последиците од опожарувањето. Тоа вклучува поврзување на струја, поврзување на вода кои ни беа исклучено по пожарот. Ќе се санираат и стаклата на прозорците, ќе се уредува подрумскиот дел кој беше зафатен. Увидот ќе ги покаже причините за опожарувањето. За сите овие насоки известен е Судскиот совет – изјави Манев.

Таа вели дека архивата на судот е под целата површина на судската зграда, а со пожарот се зафатени две простории. Не е изгорена целата архува, но не се знае од кои периоди се изфгорените предмети, бидејќи тоа допрва ќе се утврдува.

Во врска со критиките од министерот за правда Кренар Лога дека во кумановскиот суд не се чувала соодветно архивата Манев вели дека таа откако е  претседател на судот бара пари за таа цел, но не ѝ се одобрени. Додава дека архивскиот материјал е огромен, насобран од 1950 година до денес,м а има само двајца вработени.

– За да почне да се работи потребни се 10 до 15 вработени, а средувањето на архувата ќе трае со години. Предметите се архивирани според стариот закон, само оставени и не се означени со шифри. Од 2018 година сите предмети се уредно архивирани – вели Манев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!