
Истрага на ОЛАФ за проект вреден милион евра – фирма без вработени детектира шумски пожари?
Секој проект финансиран од ЕУ, вклучително и оној за кој прашувате, подложи на ригорозен и систематски процес на следење, евалуација и контрола. Моментално го очекуваме конечниот наративен извештај, заедно со потребната финансиска и ревизорска документација. Исто така, потврдуваме дека ОЛАФ спроведе истрага за спроведувањето на проектот од страна на корисниците, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје за „Слободен печат“.
Новиот директор на Центарот за управување со кризи Мухамет Али пред повеќе од една недела направи увид на функционирањето на системот за рана детекција на пожари. Се работи за унапреден систем што дава сигнал дека некаде гори, што откако Али го замени Стојанче Ангелов на директорската функција, го претстави како нова визија, врвен приоритет.
Препорачано
Струга е првата општина во државата што има ваков систем со камери и аларми, кои во реално време детектираат чад и веднаш ја испраќаат локацијата со точни координати до надлежните служби. Ова овозможува исклучително брза реакција и ефикасно справување со пожарите што секое лето уништуваат илјадници кубни метри шуми низ Македонија и нè чинат милиони евра, но она што загрижува е што овој проект го спроведува компанија од Кавадарци со нула вработени и формирана пет дена откако бил распишан меѓународниот тендер.
„Слободен печат“ доби одговор од канцеларијата на Европската Унија во Скопје дека овој проект го истражувала и ОЛАФ, Европската служба против измами, односно спровеле истрага за овој проект на корисниците што добија речиси милион евра европски пари за негово спроведување.
– Секој проект финансиран од ЕУ, вклучително и оној за кој прашувате, подложи на ригорозен и систематски процес на следење, евалуација и контрола. Моментално го очекуваме конечниот наративен извештај, заедно со потребната финансиска и ревизорска документација. Исто така, потврдуваме дека ОЛАФ спроведе истрага за спроведувањето на проектот од страна на корисниците. Откако ќе бидат примени сите документи, вклучително и препораките за понатамошни дејства од ОЛАФ, тие ќе бидат предмет на темелно разгледување и ќе бидат преземени соодветни мерки од страна на службите на ЕУ. Делегацијата на ЕУ ќе ги преземе сите потребни дејства за административно завршување на проектот, следејќи ги препораките што се очекува да бидат издадени за овој проект. Делегацијата на ЕУ ви стои на располагање за какви било дополнителни прашања во врска со ова прашање – ни одговорија од Канцеларијата, од каде што не откриваат дали се констатирани некакви злоупотреби при спроведувањето на проектот за да не се загрози интегритетот на истражните процеси.
Инаку, истрагите што ги води ОЛАФ се редовна процедура по пријави, но тоа не значи дека отворените случаи што се под истрага, секогаш мора да завршат со утврдени злоупотреби, односно неправилности. Овој проект, иако го нема по медиумите, се спроведува од 2021 година кога Дирекцијата за заштита и спасување потпишала договор со Европската комисија претставувана од Делегацијата на ЕУ во Скопје за имплементација на проектот во вредност од 946.285 евра.

Од овие пари 85 проценти се од ЕУ, додека остатокот го покриваат институциите што го имплементираат овој проект што требаше да се спроведе од 2022 до 2024 година.
Дирекцијата објавила меѓународна постапка за избор на најповолен понудувач за набавка и инсталација на потребниот систем, односно „Систем за рано предупредување од шумски пожари“. На јавниот повик учествувале две фирми, едната која нуди германски систем со сензори и камери и другата која нуди полски систем со камери.
Она што беше од почеток сомнително е тоа што тендерот го доби македонско-полски конзорциум групиран околу фирмата „Смарт Д систем“ од Кавадарци, која беше формирана пет дена откако бил распишан меѓународниот тендер, а според податоците од Централен регистар, нејзината дејност била информатичка технологија и компјутери.
Дирекцијата уште тогаш не гледаше ништо спорно со фирмата, бидејќи тоа било законски дозволено и најверојатно според нив е отворена за логистички потреби за спроведување на проектот, но нејасно е како полските фирми што биле производители на ваков тип опрема за софтвер го нашле токму управителот што ја отворил компанијата во Кавадарци. Иако техничката спецификација на проектот предвидувала ставање сензори, кавадаречката фирма имплементираше камери.
Сега, откако директорот на ЦУК веќе се пофали со системот, при проверката на кавадаречката фирма во Централен регистар може да се види дека фирмата во 2022 година кога била формирана работела со еден вработен, додека следните две години нема податоци за вработени, и најверојатно нема вработени. Првата година – 2022-ра, кавадаречката фирма, тогаш со еден вработен, имала највисоки приходи и расходи, потоа работи со загуба, за потоа да прикаже добивка од над 2 милиони денари. Во 2024 година има голем профит и малку трошоци, но и добивка.
Официјалното име на проектот што го спроведуваше Дирекцијата за заштита и спасување беше „Development and implementation of a smart and sustainable integrated forest fire management system in the cross-border area (DISSIWMS)“ (Развој и спроведување на смарт и одржлив систем за шумски пожари во прекугранична област). Сега, овој проект го промовира Центарот за управување со кризи.
– Овој систем е добиен преку проект финансиран од Програмата за прекугранична соработка – CBC IPA, што претставува одличен пример за тоа како преку европски фондови може да се зајакне безбедноста и заштитата на животната средина. Овој модел на заштита веќе дава резултати и е доказ дека технологијата мора да биде во служба на безбедноста. Директорот на Центарот за управување со кризи истакна дека ќе се залага вакви системи да бидат поставени на сите критични подрачја низ државата. Брзината на информацијата значи спасен живот, заштитена шума и безбедна заедница – објави неодамна ЦУК на својата фејсбук-страница.
„Слободен печат“ испрати прашања до ЦУК дали имаат информации дека ОЛАФ го истражува овој проект и како ги толкуваат податоците дека фирмата сега нема податоци за вработени и за сомнежот што се создава дека фирмата била регистрирана наменски, само за да го добие меѓународниот тендер, но писмен одговор од ЦУК не добивме.
На адресата на фирмата што фигурира во Централен регистар нема претплатнички број, односно ниту еден телефон не се води на таа адреса, но испративме прашања на официјалната имејл-адреса што ја објавила фирмата, но одговор не добивме.