
Исламската верска заедница му се налути на Уставниот суд, не ѝ се допаѓа што повел постапка
Исламската верска заедница (ИВЗ) реагира до Уставниот суд во врска со отворањето на постапката за оценување на уставноста на одлуката на Владата со која се даде зелено светло за основање на Медресата „Иса бег“ како редовно приватно училиште. Од ИВЗ велат дека и понатаму се надеваат оти Уставниот суд ќе донесе „фер одлука во корист на учениците“, пренесува „Алсат“.
Препорачано
„Со будност и двегодишни максимални обиди го акредитиравме, со иста будност и напор ќе се осигураме да не се повреди правото на образование за учениците од Медресето, да им се гарантира еднаквоста и да се обезбедат услови тие да придонесат за земјата и општеството заедно со другите ученици од акредитираните училишта, бидејќи на крајот на краиштата, тие се и конструктивни ќерки и синови, и лојални граѓани на ова општество“, велат од ИВЗ.
Оттаму нагласуваат дека основањето на Медресата е направено согласно Законот за средно образование, во транспарентна постапка, поминувајќи ги сите филтри од страна на законодавецот, исто како што и другите физички и правни лица што основале и основаат образовни институции во земјата.
Од ИВЗ велат дека се „зачудени од тоа како уставните судии си поставиле мисија да ја заштитат секуларноста, а тоа никаде не се споменува во Уставот“.
Уставните судии се повикуваат на членот 7 од Уставот, во кој јасно се наведува дека религијата и државата се одвоени. Ставот за отворање на постапката е целосно поддржан со став 2 од истиот член, во кој се вели дека верските заедници може да основаат училишта, но тие мора да бидат назначени како религиозни.
ИВЗ, пак, се повикува во правото кое произлегува од ставот 6 на членот 10 од Законот за средно образование, во кој се вели дека приватна гимназија може да основа правно лице и странско и домашно физичко лице врз основа на дозволата, во согласност со овој закон.
Сепак, уставните судии истакнуваат дека без оглед на правниот статус на ИВЗ, таа е верска заедница и како таква е забрането да основа училиште. Членот 7 од Законот за средно образование вели дека е забрането какво било верско организирање и дејствување во средните училишта, велат од Уставниот суд.