Ископината во Стопански Двор ќе се затвори, ќе пресуши ли барата?

Конечно на жителите од населбата Стопански Двор ќе им се реши долгогодишниот проблем со кој се соочуваа поради ископината од која постојано истекуваше минерална вода. Состојбата беше стигната дотаму што на овој простор беше формирана голема бара со застоена и засмрдена вода, која веќе ги зафаќаше дворовите на куќите, а жителите со право стравуваа дека ќе им ги поплави домовите.

Деновиве Општина Ѓорче Петров заедно со ТГС „Технички гасови“ од Скопје, фирма која порано ја користеше ископината, започнаа со нејзино санирање.

– Започнавме со санирање на бушотината во Стопански Двор од која со години се прелеваше вода и создаваше проблем на локалното население. Нанесени беа штети на поседите и во дворовите, потенцијално можеше да ги наруши темелите на куќите. Се ширеше непријатна миризба во околината, бидејќи станува збор за многу минерализирана вода. Очекувам во деновите што следуваат проблемот целосно да биде решен, а бушотината затворена – информира градоначалникот Александар Наумоски.

Неодамна, жителите на Стопански Двор повторно побараа помош од надлежните и обвинија дека ваквата состојба е резултат на неисчистените канали поради што е запрен протокот на водата, па таа се собира на едно место и создава бара.

Поради неисчистените канали изминативе години протокот на вода од изворот на кисела вода е сопрен и се собира на едно место на кое е создадена бара, која ги зафаќа и дворовите на жителите кои се плашат да не се поплават и нивните куќи!

Дополнително од оваа бара која е и извор на ширење зарази, се шири и непријатна миризба и не се дише! – објаснуваат жителите во своето обраќање на Фејсбук.

Од Општината тогаш објаснија дека одговорноста да се санира ископината е на фирмата „Технички гасови“ од Скопје, која ја создала и користела. Фирмата во меѓувреме изработиле  проект, кој е прифатен од Министерството за економија, избран е изведувач на работите, па како што ветија од Општината започна и санирањето на ископината.

На просторот кај населбата Стопански Двор постојат две ископини, на две локации, т.н. горна и долна бушотина, кои фирмата „Технички гасови“ ги користела за производство на течен СО2, кој се наоѓал растворен во минералната вода во подземните слоеви. Минералната вода од горната ископина се црпела со пумпи, додека од долната извира сама и се испуштала преку околните канали.

Долната ископина е таа што им прави проблем на граѓаните и која фирмата „Технички гасови“ треба да ја затвори за да се спречи неконтролираното излевање на водата.

Водата од ископината се заканува да ги поплави куќите во Стопански Двор

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот