Водата од ископината се заканува да ги поплави куќите во Стопански Двор

Од Општина Ѓорче Петров велат дека ископината е одговорност на „Технички гасови“ која ја создала и користела и дека фирмата веќе изработила проект и избрала изведувач и се очекува во најскоро време да ја затворат јамата за вода.

Бара со застоена и засмрдена вода создадена од ископина за минерална вода во атарот на Волково, сериозно ги загрижува жителите на населбата Стопански Двор во Општина Ѓорче Петров, кои бараат локалната власт да преземе одговорност и да го реши проблемот. Водата тече по улиците, по дворовите, па тие стравуваат дека ќе ги поплави и нивните домови, но и од ширење зараза.

– Поради неисчистените канали во изминативе години протокот на вода од изворот на кисела вода е сопрен и се собира на едно место на кое е создадена бара, која ги зафаќа и дворовите на жителите што се плашат да не се поплават и нивните куќи!

Дополнително од оваа бара која е и извор на ширење зарази, се шири и непријатна миризба и не се дише! – објаснуваат жителите во своето обраќање на Фејсбук.

Дел од граѓаните во коментари дообјаснуваат со каков проблем се соочуваат и велат дека каналот секоја година сами го чистат затоа што општината не презема ништо.

– Проблемот е ископината каде што извира водата што не се одржува и се создава езеро. Пријавено е безброј пати во општината и никој не реагира, тврди еден од жителите.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека се запознаени со овој проблем со кој се соочуваат жителите на Стопански Двор и дека во континуитет вложуваат напори да го санираат. Како што објаснуваат оттаму, проблемот иако е физички лоциран на територијата на Општината, сепак е одговорност на приватната фирма „Технички гасови“ од Скопје, која ја создала и користела ископината за вода и на Министерството за економија, кое е надлежно за издавање концесии за ископини за вода како и нивно затворање.

Од Општината очекуваат во најскоро време да се затвори јамата.

– По налог на Министерството за економија, фирмата „Технички гасови“ – Скопје, како корисник на ископината за вода, има добиено налог да изврши затворање на истата со што би дошло до запирање на водата. Според информации добиени од фирмата, тие имаат изработено проект кој е прифатен од Министерството за економија, имаат избрано фирма изведувач и се очекува во најскоро време да ја затворат бушотината за вода, тврдат од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму додаваат дека Секторот за урбанизам е во постојан контакт со сите засегнати страни и дека се вложуваат сите напори да се реши долгогодишниот проблем на жителите од Стопански Двор.

Всушност станува збор за две ископини, на две локации, т.н. горна и долна бушотина, кои фирмата „Технички гасови“ ги користела за производство на течен СО2, кој се наоѓал растворен во минералната вода во подземните слоеви. Минералната вода од горната бушотина се црпела со пумпи, додека од долната извира сама и се испуштала преку околните канали.

Долната бушотина е таа која им го прави проблемот на граѓаните и која фирмата „Технички гасови“ треба да ја затвори за да се спречи неконтролираното излевање на водата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот