
Во Германија се исечени 500.000 дрвја за да се изгради фабрика на „Тесла“
На градилиштето на фабриката на компанијата „Тесла“ во близина на Берлин се исечени околу 500.000 дрвја, а анализата на сателитските снимки покажува дека во таа прилика се исчистени 329 хектари шума. Изградбата на гигантска фабрика на „Тесла“ во Германија предизвика бројни контроверзии, а беа организирани и многу протести, објави Гардијан.
Препорачано
Сопственикот на компанијата, Илон Маск, ја критикуваше локалната полиција дека дозволува „левичарски протести“.
Од мај минатата година, климатските активисти организираа протести против планираното проширување на оваа гигафабрика и се обидоа да упаднат на локацијата. Една од групите во март успеала да запали електричен столб и да го запре производството на фабриката на неколку дена.
Каролина Држево од организацијата „Вклучи ја славината на Тесла“ рече дека анализите покажале дека производството на електрични возила од оваа компанија предизвикало локално уништување на природата, како и глобални штети поради ископ на метали.
„Во еден од најсушните региони на Германија веќе е уништена премногу животна средина“, рече таа, додавајќи дека мора да се спречи да предизвика уште поголемо уништување на шумите и да го загрози заштитеното подрачје со вода за пиење.
Водечкиот аналитичар во фирмата „Kајрос“, Антоан Халф, вели дека секогаш мора да се има на ум дали придобивките или штетите се поголеми кога се проценува пошироката слика. Тој наведува дека исечените дрвја се еквивалентни на околу 13.000 тони јаглерод диоксид, што е годишна количина што ја испуштаат 2.800 автомобили со мотори со внатрешно согорување во САД.
„Значи, тоа е само мал дел од бројот на електрични возила што „Тесла“ ги произведува и продава секој квартал“, рече Халф.
Во јули, Министерството за животна средина на Бранденбург го одобри планот за проширување на фабриката на „Тесла“ за двојно производство на милион возила годишно. Оттогаш, има десетици еколошки инциденти на локацијата, каде што се произведуваат и милиони батерии за електрични возила, вклучувајќи истекување на дизел гориво, боја и алуминиум, според Гардијан.
Компанијата „Тесла“ не реагираше веднаш на тоа, но подоцна соопшти дека имало неколку инциденти за време на изградбата на фабриката на тоа место, како и од почетокот на нејзината работа, но дека ниту еден од нив не предизвикал еколошки последици, и дека по потреба ќе се применуваат корективни мерки.