
ИРЛ, Димитриевски, Пушевски, Мулачка и Георгиев добитници на наградите „Никола Младенов“ за 2023 година
Добитници на годинашната награда „Никола Младенов“ што ја доделува Македонскиот институт за медиуми се Александар Димитриевски со сторијата „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“, новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, Мартин Пушевски за серијалот текстови за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“, фоторепортерот Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“ и тимот на ИРЛ за стражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“
Препорачано
Серијалот текстови и видео прилози на првонаградениот Димитриевски открива сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект во историјата на земјава – изградбата на автопатите од страна на конзорциумот Бехтел-Енка. Обелоденувајќи ја намерата за местење на тендерот за надзор, којшто треба да биде единствената контрола врз „тајната“ изградба на коридорите 8 и 10 и трошењето на 1,3 милијарди долари јавни пари, новинарот демонстрира исклучителен новинарски ангажман, темелност и систематичност во анализа и проверка на голем број документи и податоци поврзани со спорниот тендер.
Вторанаградената Мулачка, преку серијалот текстови објави фрапантни податоци за сериозни пропусти и малверзации во лекување на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија.
Со серијата текстови за „Иловица“, авторот Мартин Пушевски открива како рудникот стигна на чекор до добивање дозволи за работа, наспроти загриженоста и реакциите на граѓаните и на стручната јавност за штетите што можат да бидат предизвикани врз животната средина во Струмичката Котлина.
Истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ на новинарките Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Ивана Настеска од редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија им ја донесе наградата најиновативен новинарски производ.
Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на новинарките Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Славица Филиповска Иванова и Јасмина Јакимова. Додека на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најиновативен новинарски производ.
Како што велат од Македонскиот институ за медиуми, на годинешниот конкурс што беше објавен на 31 јануари и траеше до 26 февруари 2024 пристигнале 39 стории обработени во 175 текстови/видео прилози во категоријата Најдобра истражувачка сторија. Потоа, 15 теми обработени во 16 текстови/видео прилози во категоријата Најиновативен новинарски производ, но и 21 фотографија во категоријата Најдобра репортерска фотографија.