
Иран е загрижен за можното враќање на санкциите на ОН, пред преговорите во Женева
Иран изјави дека е загрижен за можното повторно воведување на санкциите на Обединетите нации и презема дипломатски чекори пред новата рунда нуклеарни разговори со европските земји во Женева.
Препорачано
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на земјата, Исмаил Багаеи, изјави дека Техеран ги следи последиците од механизмот за враќање на санкциите и е во консултација со Кина и Русија, објави Иранинтл.
Тој додаде дека Иран разгледува нацрт-резолуција на Советот за безбедност на ОН, предложена од Москва, со која би се продолжило важењето на Резолуцијата 2231 за шест месеци.
„Загрижени сме за импликациите и долго време работиме на тоа, но тоа не треба да стане извор на психолошки притисок врз нашите граѓани“, рече Багае.
Нуклеарните преговори меѓу Иран и групата Е3 – Велика Британија, Франција и Германија, се закажани за денес во Женева.
Делегацијата на Техеран ја предводи заменик-министерот за надворешни работи Маџид Тахт-Раванчи, додека европските дипломати најавуваат дека разговорите ќе се фокусираат на нуклеарната програма на Иран и избегнувањето на повторното воведување на санкциите.
Е3 предупреди дека може да активира механизам за враќање на санкциите до крајот на август доколку Иран не постигне конкретни резултати.
Според Резолуцијата 2231, сите укинати санкции на ОН би можеле автоматски да се вратат доколку Иран биде обвинет за кршење на нуклеарниот договор од 2015 година.
Сепак, Техеран тврди дека европските земји повеќе немаат правна основа за активирање на мерката и ја оспорува легитимноста на таков потег.