
ИПАРД 3: За земјоделството – 97 милиони евра од ЕУ и 31 од државата
Најголемата новост е тоа што со ИПАРД 3 се овозможува авансна исплата до 50 проценти од висината на финансиската поддршка, веднаш по потпишување на договорот
Од утре тргнува карванот низ четириесетина населени места за што поблиску да им се објасни на земјоделците, на преработувачите и на општинската администрација како може да ги искористат парите од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој – програмата ИПАРД 3. Првиот повик од оваа програма се очекува да биде објавен на крајот од јули, а за целата програма со важност до 2027 година тежи 97 милиони евра – пари од ЕУ, како и дополнителни 31 милион од Република Северна Македонија, додека од самите корисници се очекува инвестирање на 82 милиони евра.
Препорачано
На денешната презентација на програмата ИПАРД 3 беше нагласено дека таа има повеќе разлики во однос на досегашното користење на европските пари. Она што е најважно за корисниците е што тие ќе добијат 50 отсто од парите авансно. Пари нема да се даваат на оние што и онака би можеле да реализираат проект без помош на ИПАРД. Ако „Кока-кола“ сака да отвори хотел во рурална средина, нема потреба да ѝ се доделува помош, сликовито објаснија на презентацијата. Потоа, за новоформираните правни лица поддршката може да биде до100.000 евра, а сите набавки може да потекнуваат од која било земја.
Првите повици на крајот од јули
Првите повици што може да ги очекуваат заинтересираните корисници ќе се објават на крајот на јули, а дотогаш тие треба да се подготват за сложената процедура. Повиците ќе бидат објавени за две мерки: „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ и за „Диверзификација на фарми и развој на бизнис“. Кофинансирањето е 60 проценти.
Покрај за овие мерки, за пари од ИПАРД 3 ќе може да се аплицира за проекти за рурален туризам, за органско производство, за маркетинг, за советувања…
Но, она што особено се нагласува дека ИПАРД 3 првпат дава пари за рурална инфраструктура, за што на вчерашниот настан се повикаа градоначалниците да ја искористат ова можноста.
– На општините им се на располагање 17 милиони евра. Тоа е убава бројка за почеток, но може и да се зголеми – нагласи Живко Брајковски, раководител на секторот за ИПАРД во Министерството за земјоделство.
Тој посочи дека овие пари може да се искористат за обновливи извори на енергија, за локални патишта, за водоводни мрежи.
Од ИПАРД 2 искористени 98 отсто од парите
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во воведното обраќање рече дека поради тоа што сме успеале да ги искористиме речиси сите пари од програмата ИПАРД 2, Европската комисија нè награди со дополнителни пари.
– Од ИПАРД 2 искористени се 98 отсто од парите. Така, парите од ИПАРД веќе се локомотива што нè влече напред. Затоа, за разлика од ИПАРД 2, кој беше 60 милиони евра, Европската комисија додаде уште 37 милиони евра, па на располагање преку ИПАРД 3 сега има 97 милиони евра. Значи, добивме 62 проценти повеќе неповратна помош – рече Маричиќ.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски рече дека преку теренска активност, сите ќе бидат насочени да се врати успехот од ИПАРД 2.
– Она што особено охрабрува од ИПАРД 2 е интересот на младите. Од 2.369 договори, 859 се однесуваат на млади земјоделци за инвестиции од 9 милиони евра – рече Николовски.
На презентацијата беше кажано дека Македонија има повеќе склучено договори преку ИПАРД 2 од Србија, Албанија и Црна Гора заедно, но дека има најниска просечна поддршка по проект, во просек од 17.000 евра, што значи дека вкупните инвестиции по проект во просек биле меѓу 34.000 и 35.000 евра.