
Инвеститорот и сопственик на Дубаи мол и Бурџ Калифа „скаутирал“ места во Скопје, во Охрид и на Попова Шапка
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информираше дека сопственикот на познататиот облакодер во Обединетите Арапски Емирати, Бурџ Калифа и на трговскиот центар Дубаи мол, како дел од владина делегација на ОАЕ во април бил во посета на државата и „скаутирал“ места во Скопје, на Попова Шапка и во Охрид, како можности за инвестиции.
Препорачано
Како што рече денеска Николоски, по посетата на владиниот тим на Обединетите Арапски Емирати на средината на април годинава, оттаму веќе доаѓаат инвеститори во Македонија и има доста можности и простор за соработка.
„Првпат ја отворивме Македонија натака, доаѓаат инвеститори тука, излезе и по социјалните мрежи, сопственикот на Бурџ Калифа и на Дубаи мол веќе ги виде Скопје, Попова Шапка и Охрид. Мислам дека треба да се отвориме кон овој свет, има доста можности и простор за соработка“, рече Николоски во гостување во емисијата „Здраво Македонијо“ на телевизија Канал 5.
На средбата на Николоски со претседателот на Обединетите Арапски Емирати и емир на Абу Даби, шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан, како што објави тој претходно, биле отворени теми и можности за соработка во транспортот и инфраструктурата, туризмот, земјоделството и енергетиката. Тој тогаш соопшти и дека договараат летови со „Ер Арабија“.
„Имаме бројни средби, ќе потпишеме неколку договори за економска соработка. Зборуваме и за директно спојување, веќе имаме договор со Флај Дубаи за лет Дубаи – Скопје кој наскоро треба да започне, а зборуваме и со Ер Арабија за отворање на најмалку два лета од кој еден се надевам дека ќе биде кон Охридскиот регион со што дополнително би се развил туризмот“, изјави претходно Николоски во април.