Фото: Општина Центар

Инвеститорите во Центар манипулирале со „клацкалките“, ќе мора да обезбедат повеќе реални паркинг места

Инвеститорите мора да обезбедат реални паркинг места за секое домаќинство во станбените објекти што ги градат. Јавниот интерес мора да биде заштитен, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

После година и пол од донесувањето и примената на Одлуката за начинот на обезбедување паркинг места во рамките на градежна парцела со употреба на механизирани паркинг системи во постапките за одобрување на проектна документација во Општина Центар, се покажа дека не се исполнија очекувањата од нејзиното функционирање. Напротив се утврдило дека во пракса инвеститорите манипулираат со изведбата на т.н. клацкалки за паркирање и само фиктивно ги прикажуваат во проектите.

Поради тоа, на предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар на последната седница донесе измена на оваа одлука со која предност се дава на реалните паркинг места во новопроектираните објекти на сметка на механичките.

Идејата за воведувањето на „клацкалките“ беше да се обезбедат повеќе паркинг места во рамки на градежна парцела, со оглед на фактот дека паркирањето во оваа општина е еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат жителите. Со механизирани паркинг системи всушност се обезбедува подигање или спуштање на возила за да се искористи просторот под, односно над друго возило како дополнително паркинг место, а притоа не претставуваат градежни структури.

Со одлуката беше забранета употребата на вакви паркинг системи кои имаат повеќе од две нивоа, а нивната употреба се ограничува во делот од парцелата предвиден за градење, каде што системите можат да се поставуваат на приземното ниво и во подземните нивоа за паркирање.

Најголем проблем се зградите и паркинзите таму, а наше е да имаме законски увид. Со оваа одлука решаваме еден голем проблем, а размислуваме да се формира комисија за домување, која за задача ќе има по градењето да врши увид на терен, да види што се случува со паркирањето и дали се користат механизираните системи – изјави градоначалникот Герасимовски пред година и пол кога беше донесена одлуката за нивна примена..

Според до скоро важечката одлука во градежните парцели со површина до 1000 метри квадратни, дозволена беше употреба на „клацкалки“ доколку најмалку 50 отсто од потребниот број на паркинг места се обезбедени без механизирани системи, а за оние парцели со површина од над 1000 метри квадратни дозволена беше употреба доколку најмалку 90 отсто од потребниот број на паркинг места се без паркинг системи.

Но, се покажа дека она што е прикажано на терен во пракса се изигрува, па со новите измени се предвидува најмалку 90 проценти од потребниот број паркинг места во новопроектираните објекти во рамки на градежна парцела да бидат обезбедени реално, без механички паркинг системи. Како што велат од Општина Центар, истото се однесува и за објектите во кои се предвидува заедничко подземно паркирање во повеќе нивоа. Со ова се очекува драстично да се намали процентот на механизирани паркинг системи.

Го намалуваме бројот на непопуларните „клацкалки“. Со нив во пракса се манипулира. Тие само фиктивно се прикажуваат, а потоа не се изведуваат, затоа ги заоструваме регулативите. Инвеститорите мора да обезбедат реални паркинг места за секое домаќинство во станбените објекти што ги градат. Јавниот интерес мора да биде заштитен – тврди Герасимовски.

Од Општина Центар очекуваме одговор колку вакви „клацкалки“ се изведени во зградите откако е регулирана нивната употреба, но и колку злоупотреби се забележени од страна на инвеститорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот