
Интервју со Сања Савеска: Животот не ме галел, но не се жалам, тоа ме направило посилна
Три сезони по ред, шармантната Сања Савеска ја гледаме како водителка на популарното ТВ шоу „Брза кујна“. Овој Тв формат одлично ѝ одговара, и самата таа ужива кога готви и е мајстор во кујната.
Препорачано
Позитивна како личност која не се врти назад и се труди да ги заборави лошите нешта од минатото, за Сања е познато дека е во љубов со неврохирургот Томи Камилоски и вели дека живеат мирен живот, посветен на заедничките планови. Нејзин голем пријател беше покојниот актер Димче Мешковски за кој со љубов раскажива и вели дека во неговата актерска школа научила како да се однесува пред камерите.
Се чини дека многу долго време си дел од „Брза кујна“, колку сезони си домаќин на шоуто, колку чувствуваш разлика од сезона во сезона?
– Навистина имаш такво чувство? (се смее) Ти благодарам драга Милица, знам дека ти си искрен критичар. Се чувствувам убаво кога публиката ме доживува така, тоа ми дава одговор дека сум добро прифатена од гледачите, а на нас водителите, тоа многу ни значи. Се радувам што имам среќа да работам на ваков лиценциран проект зад кои стои одлична екипа. Се пронајдов себеси и убаво ми е, уживам. „Брза Кујна“ е кулинарско шоу кое во овој формат се емитува во многу земји и секаде, каде што се емитува е навистина гледано и популарно.Така е и кај нас, убедливо сме најгледано кулинарско шоу.
Штотуку заврши мојата трета сезона како домаќин на шоуто и можам да кажам дека ова беше уште една навистина успешна сезона, а вкупно досега се реализирани 8 сезони на ТВ Сител. Основата е иста во секоја сезона, се готви за неверојатни 20 минути од само 6 намирници, но енергијата е таа која прави, не само секоја сезона,туку секоја емисија да биде поразлична. Јас стартував со многу ентузијазам и позитивна енергија и така продолжувам. Секако има и промени, сѐ повеќе сум опуштена, релаксирана, но љубопитноста останува секогаш иста, јас и гледачите да видиме што моите шефови ќе смислат и ќе направат, и нормално дали ќе им бидат доволни 20 минути.
Ќе има ли измени следната сезона, што ново да очекуваме од „Брза кујна“?
– Секоја сезона е нова и интересна сама по себе. Во моментов сме на заслужен одмор и ги полниме батериите за нови возбудливи доживувања во кујната. Единствено што можам да кажам е дека ќе има многу забава, нови предизвици и награди… за останатото ќе оставиме да биде изненадување.

Имаш изјавено дека си добра домаќинка и уживаш во готвењето и приватно. Кој е твојот најдобар специјалитет?
– Сакам да готвам, јас всушност сакам да поминувам време дома и да бидам со најблиските. Овие неколку години откако сум во „Брза кујна“, сакам да ги пробувам рецептите на шефовите, и нормално не ми излегуваат така вкусни како што тие ги подготвуваат Треба уште да “крадам” од нивните вештини. Но, знам да подготвам убави традиционални јадења , знам и кифлички да месам, и тоа меки и убави како душа. Специјалитетите ми се менуваат временски, сега хит ми се рижото со лигњни, пица од киноа и здрава чоколадна торта без брашно и шеќер, која сите што ја пробале ја обожаваат.
Јавноста знае дека си во долга врска, какво е твоето мислење за бракот и потписот, дали со Томи веќе започнавте да градите заеднички живот?
-Потписот не значи дека некој пар ќе остане заедно засекогаш. Ниту пак врската која не е озаконета значи дека двајцата ќе се разделат. Љубовта, почитта и разбирањето се тие кои партнерите ќе ги држат заедно, ако едно нешто од ова исчезне, ниту потпис, ниту било што ќе го одржи партнерството или бракот. Ние сме долго време заедно и јавноста знае онолку, колку ние сметаме дека е потребно, а што помалку се знае, толку е подобро. Живееме мирен живот, посветен на нашите планови.
Во што најмногу се надополнувате вие двајца?
-Со текот на годините и времето поминато заедно научивме да се надополнуваме во речиси сѐ што двајцата не прави среќни.

Пред неколку месеци почина Димче Мешковски кој ти беше доста близок. Што ве поврзуваше вас двајца, каков човек беше тој?
-Чичко Димче беше еден од моите најискрени пријатели. Кај него никогаш немаше калкулации. Тој беше тресок на вистината за мене. Никогаш не ми кажуваше работи за да се чуствувам подобро. Секогаш ми кажуваше сѐ што мисли. Знаеше да ми каже и кога грешам и кога сум во право. Тој беше таков со сите околу себе. Човек полн со живот. Енергија која движеше до последниот момент сѐ околу себе. Беше вистински учител за сите нас кои ја посетуваме неговата школа за актерска игра.
Зошто не стана актерка, како се реши за Тв новинарството, кога за прв пат се појави перд камерите?
-Како што споменав погоре, јас и немав баш некој предиспозиции да бидам глумица, ниту имав посебен талент. Имав само љубов кон театарот и сфатив дека местото ми е во публиката. Секогаш треба самите да бидеме свесни за своите можности и квалитети. Глумица се раѓа, јас сум сигурна дека една Јелена Јованова или Дарија Ризова и ред други прекрасни актерки кои ние ги имаме на сцената , од мали биле создадени за ова што денес ни го прикажуваат. Јас веројатно, но и хороскопски ми пишува, сум родена да бидам водителка, па до кога ќе ме сака камерата и публиката, ќе видиме. Школата која ја посетував ми помогна да се снајдам пред камера, а работата со надсинхронизации на цртаните филмови ме доближи до телевизијата и така некако почнав пополека да се појавувам и на екраните. Прво појавување ми беше во тогашната А1 телевизија како водител на интерактивен квиз во живо.

Колку си различна кога камерите ќе се изгасат, која твоја особина ја сметаш за најсилна, а за што би рекла дека ти е мана која би сакала да ја немаш?
– Различна сум само во стилот, приватно сакам да сум полежерно облечена а во последно време и потивка. Спонтана сум во сѐ што правам, како пред камерите така и зад нив. Многу ми е тешко ова прашање за силна особина, вака кога размислувам, од прва би ти рекла дека воопшто не сум силна, но кога ќе се свртам наназад (а баш и не сакам многу да гледам во тој животен ретровизор), сфаќам дека сум доста издржлива и храбра, никогаш не се предавам. Маана? Многу сум емотивна, кога би можела да тоа го сменам, веројатно ќе бидам друг човек.
Постои ли тажна или непријатна случка, некоја животна борба која те сменила како личност- нешто на кое се сеќаваш со тага и носталгија?
– Благодарна сум што животот не ми приредил некоја голема битка. Но, за жал животот не е розов и реалноста не е „Инстаграм“. Би сакала да беше така. Мене животот не ме галел, но не се жалам, тоа веројатно ме направило посилна. Болката ми ја нанеле лоши и лажни луѓе, но среќа е што здравјето ме служи и ете сум се изборила некако со нивното поминување низ мојот живот. Моето семејство е секогаш покрај мене и тие ми се силна потпора. Секогаш знаев дека најважно е да продолжам и да одам напред без оглед на неправдата која ја чуствувам. Сите лоши моменти гледам да ги избришам од меморијата и тоа ми успева, бидејќи во сеќавањата сакам да ги задржам само убавите спомени.

Спротивно на тоа, на кого или на што си најгорда и најсреќна што го имаш?
– Најсреќна сум што ги имам внуците Матеја и Михаил. За мене не постои поголема радост од нивното постоење. Децата се најголемата среќа и благослов во животот. Јас ги имам нив и тие се мојата гордост, радост, среќа, мое небо и сонце.