Фото: Приватна архива

Интервју со Владимир Трајковски, висажист: По операцијата животот ми се смени, 42 килограми полесен, без терапија за притисок и шеќер

„Клучниот момент за операција на желудникот беше, пред сè, од здравствени причини. Имав многу висок крвен притисок, шеќерот ми беше многу висок. Тоа беше клучно заради здравјето, но тука беше пресуден, секако, и физичкиот изглед“, вели Трајковски.

Познатиот висажист Владимир Трајковски неодамна во Истанбул го направи еден од најголемите чекори во својот живот, намалување на желудникот. Четири и пол месеци подоцна, полесен за 42 килограми, без терапија за крвен притисок и шеќер и полн со нова енергија. Приказната што му го смени животот ја раскажува во интервјуто за „Слободен печат“.

Што беше клучниот момент за ваква голема промена, за операција на желудникот?

– Клучниот момент за операција на желудникот беше, пред сè, од здравствени причини. Имав многу висок крвен притисок, шеќерот ми беше многу висок. Тоа беше клучно заради здравјето, но тука беше пресуден, секако, и физичкиот изглед. Сега по операцијата се чувствува промената, а јас се чувствувам и здравствено, но и физички многу подобро, во секој поглед се чувствувам одлично.

Фото: Приватна архива

Колку време ти требаше да ја донесеш конечната одлука? Колкав беше стравот за еден ваков хируршки зафат?

– Ризикот секако постои затоа што станува збор за операција со тотална анестезија. Секако дека требаше и време за една ваква одлука. Но, самата процедура трае околу половина час. Ризик има, секако и страв има… Меѓутоа, станува збор за вистински професионалци. Докторот прави по 10 до 12 интервенции дневно и знаеш дека си во сигурни раце. Хирурзите се одлични и нема никаков проблем.

Зошто се одлучи токму за клиниката „Анадолу Хастанеси“ во Истанбул? Какво искуство носиш оттаму?

– Се одлучив по препорака на мојот пријател, познатиот водител Спасе Рола, кој ме запозна со прекрасната Адвие. Кога се јавувате во болницата, таму можете буквално 24/7 да добиете информации за сите можни услуги што ги нуди болницата. Таа е прекрасна, цело време е околу вас, си ја завршува својата работа беспрекорно. Така што едноставно знаете дека сте во сигурни раце.

Фото: Приватна архива

Колку време траеше закрепнувањето?

– Самата операција трае половина час. Кога ќе се вратиш во собата, има мала болка што ја чувствуваш, меѓутоа, не е ништо страшно. Веднаш те „покриваат“ со инфузија против болка. Јас веќе во 12 часот бев дури и на цигара. Самото закрепнување трае два дена, толку време си во клиниката. Третиот ден веќе се вратив во Скопје и почнав со работа. Така што немаше никакви поголеми проблеми околу закрепнувањето. Немаше никакви тешкотии потоа.

Сега си полесен за 42 килограми. Како тоа влијае врз тебе, врз твоето здравје и секојдневие?

– Сега сум полесен 42 килограми. Самото чувство како изгледам е многу поубаво, но искрено и здравствено се чувствувам многу подобро. Самодовербата е многу поголема. Веќе не примам терапија ниту за притисок ниту за шеќер.

Фото: Приватна архива

Со каква исхрана и рутина живееш сега?

– Освен што ми се забранети сè уште ориз, компир, краставица и тестенини (кои веќе во ноември ќе можам да ги консумирам), сè друго веќе јадам, но во мали количини, по неколкупати на ден. Ако порано сум јадел 10-15 ќебапчиња, сега јадам по 4. Ова е само пример колку начинот и режимот на исхрана се смени по операцијата.

Какви се реакциите од блиските, клиентите и од јавноста?

– Реакциите се исклучително позитивни. Сите забележуваат голема промена и визуелно и во однос на енергијата што ја зрачам. Поддршката е голема, а многумина се инспирираат и прашуваат за деталите, што е уште еден доказ дека направив правилен чекор.

Фото: Приватна архива

Кој ви беше најголемата поддршка во целиот процес и што би им кажал на луѓето што се борат со килограмите, но се двоумат да направат ваков чекор?

– Најголема поддршка ми беа Лила и пријателите Мери и Стефан, кои дојдоа со мене во Истанбул за да ми бидат поддршка додека траеше операцијата и потоа во постоперативниот период.
А што би им препорачал на оние што размислуваат… да не се грижат многу. Секако дека е операција и постои ризик, но кога еднаш ќе ја донесеш одлуката, навистина животот ќе ти се смени целосно. Ќе се смени и начинот на гледање на тоа што значи дебелина, во споредба со сега кога навистина се чувствуваш поубаво, и физички и здравствено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот