
Интервју со визуелниот уметник, дизајнер и илустратор Марко Трпески: Слободата во која било форма оди со храброста
Специфичен спој меѓу визуелната и книжевната уметност содржат делата на Марко Трпески, кој со илустрирани книги и дигитални графики го открива својот креативен универзум.
Препорачано
Сосема нов и необичен свет содржи творештвото на Марко Трпески (1990, Скопје). Тој е визуелен уметник и графички дизајнер со посебен фокус на книжевната илустрација. Добитник е на неколку награди за најдобар дизајн на корица на книга. Предавач е во областа на дигиталната илустрација, основач на креативното студио „Метафора“ и еден од основачите на неформалниот колектив за колаж „Скопје колаж колектив“. Длабочината во неговите размисли се пресликува и во одговорите во ова интервју.
Новата збирка илустрации и текстуални минијатури „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“, проследена со изложба на дигитални графики од циклусот „Метафора“, ја промовираше во галеријата „Метаноја“. Колку сликата и текстот се меѓусебно поврзани во твоето творештво?
– Квантитативниот одговор би бил поврзани неизмерно многу, квалитативниот одговор би бил поврзани се нераскинливо цврсто, затоа што, како што споменав и на самата промоција, имам впечаток дека визуелното и текстуалното како да се бараа едно со друго во двете збирки. Графиките настанаа стихијно, неверојатно брзо, на моменти имав впечаток како само да чекале визуализација, но несомнено им недостигаше глас, молчеа и очекуваа од мене да вокализирам, да создадам барем наличје на нивниот глас. Во првата збирка мачнината на егзистенцијалниот вакуум тежнееше по хуморот како автокорективен метод, во оваа втората, парчињата стакло трагаа по лепило што ќе ги претвори во огледало, а тоа лепило беше римата, која настануваше како ехо на илустративното.

Книгата е посветена на твојата мајка, која те научила како да сонуваш. Како се учи сонувањето?
– За жал, јас не сум ниту мудар ниту прагматичен како неа, па ќе се обидам зад литерарни конструкции да ја затскријам мојата несигурност и, сепак, да дадам податен одговор. Наспроти сета моја несигурност во однос на сништата, постои едно мало парче сигурност дека изречно упатство не постои, затоа што таквото упатство може да доведе до фабрикување на сонот, кое со сигурност би било погубно и за сонот и за сонувачот. Но, еве едно кимаво, кроки-упатство за создавање упатства за сонувачи. Главни состојки се верба, прифаќање, љубопитност, љубов (неслучајно последните два изрази имаат ист етимолошки корен), овие состојки, искомбинирани во која било количина под какви било услови, имаат неверојатна моќ, имаат моќ да ја негираат тезата дека нешто што веќе се скршило не се поправа, имаат моќ во најтемните ноќи кога сите светила небески и земни зеле слободен ден, со глас незнаен и чудесен да повикаат мамурна светулка, која, иако неволно, ќе ви го покаже патот до вашата сенка, имаат моќ пукнатините на плафонот да ги претворат во топографски карти на смеата, имаат моќ да создаваат среќа од репроматеријали што општеството не ги попишало во класата под пресметливи насмевки и задоволства. Во упатството може да се додаде и забелешка за состојките да се позајми и креативна инка од ЧОВЕК сонувач, таквите нема лесно да ви ја позајмат, па затоа е значајна околност ако до вас имате некого како што беше таа.

Како се „зарази“ со надреалното?
– Сосем несвесно, а благодарение на проф. Ангелина Поповска. Веројатно постојат и претходни индикации за „првиот контакт“, но, за да избегнам клишеизирање, ќе ги занемарам. Се сеќавам со колкава жар се обидував да ја разгатнам Магритовата слика „Son of a Man“. Неверојатно ми беше од каде свесното почнува да повикува референции за толкувањето на јаболкото како симбол, за маските што ги носи личноста, за нејзината несогледлива длабочина, за зрелоста, нагонот… Беа тоа еден куп слободни асоцијации што автоматски навираа. Во тоа време и не бев ниту доволно информиран што, всушност, претставува надреализмот, а едновремено сè што правев беа лудистички јукстапозиции на предмети, било сликарски било квазискулптурни, антропоморфизми, обиди од неживо да создадам жив симбол, обиди од навидум ништо да создадам нешто. По Магрит дојде Бексински, кој, иако можеби формално не припаѓа на надреализмот, манирски фреквенционално е за мене еден од најзначајните сликари на сноликото, кое, иако мрачно, постои за да го препознаеме и лечебното, како што би рекла Оливера Ќорвезироска. Сето тоа се контекстуализира во циклусот „Метафора“.
Академик Влада Урошевиќ за твоето творештво напиша: „Спојувајќи го неспоивото, Марко Трпески ни покажува дека постојат тајни, неискажливи сродности меѓу нештата за кои обично сметаме дека се бескрајно оддалечени.“ Како се случи соработката со Урошевиќ, со кого имавте заедничка изложба во МАНУ минатата година, а тој напиша и поговор за твојата книга?
– Иако навидум бескрајно оддалечени, низ и најситниот проблесок на надреализмот се пронајдовме со акад. Влада Урошевиќ. Врската беше повеќеслојна, верувам, пред сè, пофалните зборови на Владимир Јанковски за мојата работа, нивната заедничка книга „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ и издавачката куќа „Антолог“, каде што како автор на корицата за книгата се потпишувам јас. Од неформален краток разговор со акад. Урошевиќ на самата промоција на „Кабинет на чуда…“, во кој напомнавме дека би било интересно да направиме неколку заеднички колажи, се изроди многу плодна, бескрајно инспиративна соработка, заедничката изложба „Барокна подморница“, која броеше речиси 80 дела, поговорот за мојата книга, огромна поддршка од негова страна за сè што работам и се надевам уште многу заеднички проекти, кои и онака се на повидок.

Која е твојата „тајна“ во спојувањето на неспоивото?
– По двете збирки од циклусот „Метафора“, доста често мислам дека мојата задача е да се обидам да ги обелоденам врските или барем да укажам дека азбуката за препознавање на тие „тајни врски и сродности меѓу нештата што се бескрајно оддалечени“ е запишана во секого од нас! Оттука и огледалото како еден од најзначајните мотиви во втората збирка. Речиси емотивно не се согласувам со категоризацијата неспоивост, па ќе си дадам за право прашањето да го одговорам во правец на разгатнувањето на тајните врски, а не толку во правец на нивното создавање.
Основни градбени единки на мојот процес се: 1. протестот насочен кон пописот на неспоивите нешта, попис кон кој децидно одбивам да се придржувам со длабока верба дека сè е прецизно поврзано; 2. протестот против претераната рационализација, која на моменти ми се причинува тенденциозна во сузбивањето на веќе одамна непобитните врски меѓу свесното и несвесното; 3. љубопитноста, која е единствен механизам што може да додаде боја таму каде што не изгледа дека е потребна, да одземе контекст, па да нè праша дали постојат објективни вистини, да додаде контекст, па да ни покаже какви ограничувања поставува научената сетилна рутина. Љубопитноста, според мене, е еден од тригерите за најзначајната компетитивна предност на човекот како битие, а тоа е креативноста.
Споменатите градбени единки го сочинуваат и носечкиот симбол на циклусот „Метафора“, две точки што интерпункциски говорат за алтернативите, две точки како краеви на отсечка, прашалник што е составен од вител, кој интерпункциски говори за ентрописките урагани и за беспрекорните златни пресеци на нераскинливата поврзаност на нештата.

Со каква мисла-водилка го почнуваш секое твое следно ново дело?
– Ако сум брутално искрен, свесното „јас“ во процесот на создавање речиси сосем се исклучува… затоа е и преапстрактно моето поимање на делот создавање, можеби „недоволно автоматски“ (би рекол Андре Бретон), но, ако статистички погледнам, речиси сите проекти, голем дел и од оние што спаѓаат во применетата уметност, припаѓаат на некаков автоматизам. А магичната реченица за свесното да се стави во состојба на чекање е веројатно лозинката што акад. Урошевиќ ја спомена на самата промоција, а тоа е прашањето „Што ако?“. Мојата несигурност како автор е на моменти страшен товар, кој ослободување наоѓа во изненадувањето што доаѓа како плод на споменатото прашање: „Што ако?“
Кои нијанси го одделуваат уметничкото творештво од применетата уметност, во случајот кога работиш на илустрација на нечија книга?
– Несомнено како нијанса или фактор што е значаен би го издвоил личниот израз наспроти функционалноста, при што на цена на слободата на личниот израз се додаваат или се одземаат стилистичките норми и самите потреби на делото што се илустрира, па и изнесувањето јасна, а загадочна порака на целната публика. Применетата уметност доста често подразбира кооперативност наспроти индивидуалност, т.е. филтри што ги поставува идентитетот на оној за кого се создава илустрацијата. Тука е и употребливоста, која значи привлечност, но и функционалност, а несомнено значи и ефективно пренесување на пораката и на информациите и кохерентност со содржината. Но, некако волшебно во делот од мојата работа што подразбира применета уметност во книжевноста без претерувања сето ова се случува по некој чуден автоматизам, дали е тоа рефлекс, дали е тоа дарба, дали е тоа среќа или од сè по малку – не знам.

Колажирањето не е новитет, но развојот на технологијата значително го олесни пристапот. На кој начин ги користиш придобивките на дигиталното доба, кога етиката мора да биде на исто рамниште со естетиката?
– Се согласувам, технологијата во секој поглед ги олеснува (дискутабилно е колку тоа носи квалитет) и ги забрзува не само колажот, туку и сите сликарски техники (повторно дискутабилно е колку може да се наречат сликарски техники и колку со себе носат вистинска експертиза и квалитет). Колажот е подостапен од кога било, материјалите за колажирање се, исто така, подостапни од кога било.
Мојот кодекс што го потпира знакот на еднаквост помеѓу етиката и естетиката се состои од неколку правила: 1. строго да се држам да не прекршам права на користење на туѓо дело, како што не би сакал да се случи ни со некое мое дело; 2. се обидувам материјалите да ги создадам сам од создавање гравури од обични фотографии, кои често ги употребувам како елементи. Многупати фотографии од предмети што завршиле на корици на книги се предмети од некаква моја лична колекција или едноставно предмети што имаат секојдневна примена во домот и само малку го менувам контекстот; 3. се обидувам сè што можам да илустрирам, да нацртам; 4. се обидувам да не рециклирам идеи; 5. се обидувам сите дигитални алатки да ги користам така што ќе ме задржат како директен учесник во процесот, не како нарачател и набљудувач.
Еден си од основачите на неформалниот колектив за колаж „Скопје колаж колектив“. Кои сте и со каква цел го основавте колективот?
– „Скопје колаж колектив“ е заеднички проект со Филипа Сара Попова, кој произлезе веројатно од заедничката пасија, а тоа е колажот. Самиот концепт не е сосем нов, но идејата зад него е и во Скопје да воспоставиме слободна зона што ќе биде оперирана од надменост, припадност, претерана професионалност и арбитрарност и во таа зона секој да има можност да се изрази и да испрати свој колаж.
Функционираме на ниво на предизвици, предизвиците за своја основа имаат фотографии што ги поставуваме секој понеделник, по еден седмично, и засега сите колажи што ни пристигнуваат редовно се објавуваат. Покрај колажирањето како доминантен сегмент, се обидуваме да принесеме и содржини што се од информативен, едукативен и лечебен, тераписки карактер. Слободата во која било форма оди со храброста, оттука една од мисиите на „Скопје колаж колектив“ е и да охрабри создавање. Го нарекуваме хартиен брод со едра од слики, кој плови по неба од сништа.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 272, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.3.2025)