
Интервју со Викторија Јаначковиќ, стоматолог: Мојата љубов носи име Никита, среќна сум што ме избра да ѝ бидам мајка
Поранешната манекенка и стоматолог Викторија Јаначковиќ е една од оние личности со кои секогаш разговорот е интересен. Во интервју за „Слободен печат“, со Викторија зборуваме за мајчинство по четириесеттата, зошто одлучи сама да се грижи за ќерката Никита, вербата во љубовта, времето кога беше дел од манекенските писти и предизвиците што ги носи животот…
Препорачано
Неодамна славеше роденден, како го прослави и дали доби некој посебен подарок?
– Родендените ги чувствувам како нешто интимно и многу убаво. Тогаш најмногу мислам на моите родители и сум среќна што ги имам. Оваа година прославив со друштво и со ќерка ми надвор од Скопје, а таа е мојот најубав подарок за роденден, бидејќи сме мала разлика во денови.
Дали те плашат годините и како ја одржуваш убавината?
– Не ме плашат, најмалку па за физичкиот изглед. Ме плаши што летаат, а јас сакам подолго да сум тука со Никита. Убавината е толку релативна да можам да кажам дека си ја галам душата со убави мисли и постојано чувство на благодарност. Физичкиот изглед е важен за самодоверба, но на 44 години ако не си се изградил веќе, тогаш сѐ е џабе. Сонот и физичката активност ми се најважни и ми се најдобри пријатели.
Колку твојот хороскопски знак Водолија го отсликува твојот карактер?
– Јас сакам различности, како вообичаена Водолија, сакам слобода и сакам големи луѓе што се различни во овој утописки свет. Да се биде различен, а посебен.

Ќерката Никита е сега центарот на твојот свет? Колкава е Никита, колку те промени мајчинството и што научи ти од нејзе?
– Никита е едно преслатко дете, која ми ја продлабочи емпатијата во сите можни правци. Секогаш кажував дека и од помалите се учи, па така и јас од ова мое мало чудо од 2 години учам секој ден. Искрено, никогаш не мислев дека е ова е толку посебна љубов и постојано ја негувам. Зошто на крајот на денот ние сите се претвораме во она што го гледаме дома. А, таа гледа љубов и внимание.
Во една пригода на шега ми рече, од три генерации жени во моето семејство, само ќерка ми е родена во главен град. Уште се шегуваш на сметка на тоа?
– Хаха, па реално така е. Мајка ми и баба ми, кои се родени во Прилеп, но никогаш не живееле таму, и јас која 20 години поминав во Ниш, исто така не сум од главен град. Никита е единствено родена во Скопје. Таа е четвртина скопјанка, четвртина нишлијка и половина Данкинка. Сѐ на сѐ, таа е Македонка. Утре комотно може да нѐ седне и мене и мајка ми и да ни каже: „Ало, провинција, полека малце“. Секако дека ова е шега на моја сметка и убаво е што ја споделив.
Дали се врати во форма брзо по породувањето и како се одржуваш?
– Не сум вратена во форма, затоа што, пред сè, внимавав на улогата мајка. Но, воопшто не ми беше важно дали имам 70, 80 или 90 кг. Поважно ми беше да имам млеко, а не да трчам на кеј за да се враќам во форма. Сега ми е веќе важно, а мислам дека и повеќето жени ме сфаќаат за што зборувам, зборувам за хормоните.
Не само што физички колку ја менуваат жената туку и колку ѝ влијаат на менталниот склоп. Сега тоа е минато. Да не заборавам и на ‘рбетот, кој мислам дека ќе ми се одделеше од телото. Конечно дојдоа на ред долги прошетки и лесни вежби.

Колку е тешко за една жена да се реши за мајчинство во четириесеттите години како во твојот случај?
– Тоа прашање ќе мораме сите колективно, Мадона, Хали Бери, Моника Белучи, Никол Кидман, Џенет Џексон и редица други жени, да ти одговориме, хахаха. Не сум сигурна дека би сакала дете, дури и од оваа гледна точка, на 25 години. Дали е поприродно, да. Дали е поубаво, за мене, да. Вака како што се случи, за мене е сосема во ред.
Одлучи самата да се грижиш за Никита, со помош на твојата мајка и најблиските. Дали таткото на Никита е вклучен во оваа приказна?
– Јас не сум оставена, горчлива жена, која тргнала со детето сама низ животот, да трпи милион понижувања колку за да биде со некого. Секоја чест на исклучоците што успеваат со многу баланс да одржат идиличен однос. „Лајк“ за тие жени. Но, јас не сум тој тип, стереотип, и не сакав да бидам. Седнав, размислив и избрав најубав маж, по мој вкус, образование, генетика и афинитети. Тоа го претворив во магија или љубов, која денес ја имам – Никита. Благодарна сум, пред сè, на Бог што ми ја даде, а потоа и нејзе што ме избра за мајка. Апелирам, и како и секогаш сум на страната на понежниот пол, да го остават и да си заминат од оној што не го почитува нивниот свет. Жените заслужуваат само најдобро.
Дали веруваш во љубовта и дали имаш некој покрај себе?
– Секако дека верувам во љубовта, но во вид партнерство и другарување, а не да паѓам во несвест кога ќе го видам дека личел на Бред Пит. Патем, не е мој тип.

Одиш ли често во Ниш, твојот роден град, и какви спомени имаш секогаш кога одиш таму?
– Ниш… за него ме врзуваат само убави работи, моето детство, моето средно образование и мојот татко кој сè уште живее таму. Со задоволство му се враќам и секогаш липите од мојата улица ме враќаат на убави спомени. Има една песна, гласи: „Ево ме опет, граде мој“.
Какви спомени носиш од времето кога беше кандидатка за Мис на Македонија? Дали и денес имаш манекенски ангажмани?
– Најубави. Ние толку убаво се дружевме и бевме единствени, препознатливи, 10 манекенки максимално, секоја различна на свој начин. Сега сцената во Македонија не ја следам, ниту постои некоја девојка за која би рекла дека оставила трага. Здодевни се и исти. Пренапумпани и личат една на друга.
Како стоматолог, колку оваа работа те исполнува и која е убавината на овој занает?
– Првата љубов не се заборава, па така и стоматологијата. Убавината е во тоа што секогаш можеш да ги споиш естетиката и функционалноста. А, луѓето да се среќни и здрави.