
Интервју со Татјана Јанушева, интернационална манекенка: Не е лесно да го освоиш Париз, светската мода бара да бидеш секогаш во форма
Со бројни кампањи и едиторијали за светски познати дизајнери, Татјана редовно настапува на модните писти во Париз, Милано и други големи модни метрополи.
Татјана Јанушева, позната како Тати, е македонска манекенка што гради успешна и интернационална кариера. Со бројни кампањи и едиторијали за светски познати дизајнери, таа редовно настапува на модните писти во Париз, Милано и други големи модни метрополи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со Татјана Јанушева разговаравме за „Слободен печат“ за нејзината кариера, предизвиците и животот на модната сцена.
Како го помина летото, работно или успева да фатиш и малку одмор?
– Искрено, летово најмногу работам. Само август ми е слободен, бидејќи тогаш официјално е месец на одмор за мојата странска агенција. Јуни и јули ми се исполнети со работа, па дури и кога имам слободен викенд, го користам за кратко бегство во Грција.
Како почна твојата приказна во модата, се сеќаваш ли на првиот голем чекор?
– Фотографирањето ми стана дел од животот уште од мојата втора година. Искрено, чувствувам дека целиот живот сум пред камера. Најголемиот чекор досега, без сомнение, беше тоа што станав дел од агенцијата „Некст“, мојата интернационална агенција.

Што ти беше најголем предизвик на почетокот и како го надмина? И секако, од кого имаше најголема поддршка?
– Јас сум носталгична личност и токму тоа ми беше, а и сè уште ми е, најголем предизвик, тешко ги поднесувам разделбите кога патувам. Но, тоа е дел од кариерата и со текот на времето учиш како да се справуваш со емоциите. Најголема поддршка секогаш ми била мојата фамилија, моето момче и, секако, моите агенти.
Какво беше искуството да снимаш моден едиторијал за светското модно списание „Л’ Офисиел“ – Балтик (L’ Officiеl)?
– Магазините ми се омилен момент во кариерата. Снимањата за магазини се посебно искуство, бараат многу креативност, различни аутфити, секогаш владее позитивна енергија, а атмосферата е опуштена, никогаш напната.

Од сите брендови и кампањи на кои си работела, кои ти останаа во најубаво сеќавање? И кој момент или проект го сметаш за свој најголем успех досега?
– Без двоумење, насловната страница за магазинот „Ел“. Како што кажав, магазинот ми е најдрага форма на изразување во модата. Некако сакам да собирам насловни страници.
Како е да се гради кариера во Франција и да бидеш дел од интернационалната модна сцена?
– Кога станува збор за Париз и моделинг, вистина е многу е тешко да се добие агенција таму. Не е исто како во Милано, каде што агенциите им даваат шанса на сите девојки кои сакаат да се пробаат интернационално. Во Париз мораш да бидеш исклучително дисциплиниран и секогаш во форма.

Ајде малку и за животот во Франција… Како се вклопи ти во оваа приказна?
– Париз ми е омилен град. Првпат заминав интернационално токму таму и верувам дека засекогаш ќе ми остане во убаво сеќавање и во срце, бидејќи сè започна оттаму. Градот е прекрасен, секоја уличка раскажува своја приказна.
Што најмногу ти недостасува од Македонија?
Моето семејство, секако. Но, како што велат, дома си е дома. Ми недостасува сè – навиките, животот што го знаеш и го чувствуваш како свој.

Кога е во прашање модата, тука е и убавината… Како ја одржуваш и кој е твојот стил надвор од модните писти?
– Не би рекла дека имам некој посебен стил. Секогаш избирам удобна облека, во која се чувствувам пријатно. Најчесто тоа се фармерки и едноставни, основни парчиња.
За крај, ако не беше модел, со што мислиш дека ќе се занимаваше?
– Супер прашање. Веројатно ќе бев дизајнер за ентериери, отсекогаш ме привлекувало уредувањето домови. Исто така, сонувам еден ден да имам свој ранч и да го поминувам времето со коњи и други животни.
