
Интервју со Тамара Волческа: Ивона Јо е мојата најголема поддршка на секое поле
Поп-пејачката Тамара Волческа неодамна ја промовираше својата најнова песна „Херој“, за која вели дека е нејзината динамична енергија и нешто сосема поинакво од сè досега што отпеала.
Препорачано
Не е тајна дека таа е автор на своите песни и дека е среќна што ја живее својата музичка приказна.
Во интервјуто за „Слободен печат“ разговараме со Волческа за предизвиците, музиката, поддршката и за дружбата со Ивона Јо, за кариерата, а ни откри дека ужива во одбрано друштво, сака да се опушти со чаша вино…

Неодамна ја промовираше новата песна „Херој“. По што е поразлична од твоите претходни песни и како поминува кај публиката? И која е пораката што сакаш да ја пратиш преку песната?
– „Херој“ е мојата динамична енергија, мојата брзина на душата и она што го подарувам на настапи, за разлика од претходните песни што повеќе милувале и разнежнувале. Оваа песна својата длабочина и тежина ја носи на поразличен начин од претходните.
Пораката… Ние сами сме свои херои. Оставив простор преку видеозаписот сите да се прашаме себеси на каков начин сме се „спасиле“ во различни животни ситуации кога ни било потребно заштитата да ја добиеме од другите.
Повторно ти се потпишуваш како автор на песната, а Ивона Јо го режираше спотот. Каква беше соработката, освен професионално и приватно се дружите со Ивона?
– Авторството стана дел од мене, мојата музика и мојот карактер, не знам дали би можела да испеам нешто што не извира од моето битие. Ивона е мојата најголема поддршка на секое поле, покрај мајка ми, нормално, која во неизмерни дози ја покажува радоста и гордоста кога и да ме види во јавност. Ден-денес нетрпеливо го чека секое мое излегување, секој мој настап и гостување. А за Ивона би кажала само дека на секој од нас му е потребен таков човек, полн со љубов, поддршка и поттик и, нормално, секое споделено искуство околу музиката и секојдневието. А, таа е моето секојдневие.

Не е тајна дека си автор на твоите песнит. Од каде инспирација и каде се гледаш себеси во оваа приказна? Дали би се насочила кон пишување и за други?
– Искрено, во моето авторство имам преголеми надежи и амбиции. Ја пронајдов музиката низ стиховите и знам дека имам многу што да дадам и да понудам околу тоа прашање. Ја гледам и реакцијата на луѓето за сè она што творам и тоа ме радува, ме инспирира. А главната инспирација се чувствата, емоциите, ситуациите од животот, минатото, иднината, сегашноста, секоја научена лекција и сите луѓе што се и биле во мојот живот. Се разбира дека со задоволство би пишувала и за други и веќе влегувам во неколку такви проекти.
Планираш ли да се натпреваруваш на некои од домашните фестивали и дали размислуваш освен кај нас, да оствариш соработка со музичари надвор од нашата земја?
– Ми недостасува натпреварувачкиот дух во мене. И во тој правец веќе преземав чекори, но ќе откријам детали кога ќе си дојде времето за тоа. Се чувствувам мотивирано, амбициозно и желно за раст и развој на секое музичко поле. Со ова и одговорот за соработка со музичари надвор од нашата земја би бил – да.

Од каде љубовта кон музика, кога откри дека имаш талент?
– Музиката тлееше во мене од мала, но не можев ниту да претпоставам дека ќе ми е животен пат денес. Учествував во училиштен хор, во секаков вид проекти во основно и во средно училиште, дури имавме и средношколски бенд. Тоа беше преубаво време. Пишував поезија. Спојувањето со Весна Малинова, односно токму таа беше „виновникот“ за мојот прв чекор, снимање на првата песна на англиски јазик.
Како сакаш да го поминуваш времето и што најмногу те исполнува?
– Пишувам кога имам инспирација, читам книги кога ми треба мотивација и поттик, уживам во убаво сварено кафе седејќи на тераса или добро вино во опуштена атмосфера.

Колку често и каде излегуваш и дали имаш доволно пријатели со кои можеш да споделиш и убави и неубави работи?
– Откако почнав со чести настапи, навистина се трудам да избегнувам метеж и места што ме задушуваат, освен ако не е потребно да сум присутна. Настапите си го прават своето, па по исполнет викенд сакам да правам работи што ме регенерираат, полнам батерии во природа. А пријатели, ќе го искористам стихот „имам свој мал свет и околу него кинески ѕид“. Не сум недружељубива, но како што минува време, сакам да го поминувам со луѓе што зрачат светлина, кои знаат да се радуваат и да плачат кога тоа ти е потребно. Претпоставувам дека тоа значи растење и созревање.
Тешко ли е да се успее на домашната естрада и кои се твоите идни планови?
– Дали е тешко или лесно, претпоставувам дека е дискутабилно и секој со свои искуства и размислувања би одговорил на ова. Но, колку и да знаеме сите во какво општество живееме и во какви околности сакаме да градиме музичка кариера, каде што за почеток основните работи немаат нормален терк на функционирање, можам да кажам дека не е најлесно, но со верба, работа, искреност и чисто срце, пред сè, секоја препрека се надминува и сè може да се реализира.
Одлучив да бидам една од тие „чисто и искрено“. Околу плановите, имам неколку мали тајни за кои е рано да ги откријам, а покрај тоа планирам и новини во настапите, односно да се појавам и со свирење на инструмент.
ВИДЕО | Ново музичко парче: Тамара Волческа ги преточи своите најтешки мигови во песната „Херој“